Мирослав Пендароски: Неретко оној што насилствува друг и самиот е некому жртва

Точка

07/10/2019

17:29

4.137

Големина на фонт

а а а

Најчести и најлесни жртви се токму оние деца што имаат предиспозиција за жртвена психологија: помалку сигурните, осамените, со ниска самодоверба, оние кои сметаат дека се помалку вредни и носат разни когнитивни искривувања за себеси (“не сум доволно добар”,”сигурно е до мене, јас нешто правам како што не треба”,”не вредам за ништо, јас сум промашување” и др.), деца кои не се адаптирани итн.

Таквите деца како да ги повикуваат насилниците и им велат – еве, види јас сум жртва, дојди, повреди ме! Создавањето вредносен систем за себеси, зголемувањето на довербата и осилувањето на себството се најдобрите одбрани од насилството- вели за Точка, проф. д-р Мирослав Пендароски, универзитетски професор, психолог, психотерапевт.

Кои деца се склони кон врсничко насилство? 

- Со цивилизацискиот развој и деликатноста на меѓучовечките односи, како и со растежот на новите технологии, мора прво да разјасниме дека поимот врсничко насилство со времето се промени, усложни и релативизира. Што значи тоа ?! Тоа значи дека она што се сметаше за насилно однесување пред некоја декада денеска се превреднува и видоизменува. Имено, денес под насилство не се подразбира само физичкото, најпрофаното, највулгарното од сите насилства. Денес општеството станува се повеќе свесно за постоењето на многу форми на насилство: физичко, емоционално, сексуално, интелектуално, социјално па и виртуелно. Не дека порано не постоеле сите видови насилство, туку денес со сета литература, теорија и пракса во психологијата и социологијата, станавме повеќе свесни за се што се подразбира под овој поим. Формите, видовите и изблиците на насилство се насекаде, а некогаш се така покриени со општествената мимикрија што многу тешко се разликуваат од не-насилството. Ако пред некоја година насилство беше ако некој некого задева во училиште, врши булинг, физички злоставува или омаловажува, денес тоа е присутно во низа други навидум невидливи форми: виртуелно насилство преку сосема реални облици на навредување преку социјалните мрежи, директно или индиректно исмејување, социо-економско понижување, објавување на непристојни фотографии, лични податоци, набедување и што ли уште не. Самиот факт дека некој на пр.:


Ја истакнува својата социо-економска надмоќ или општествено влијание врз својот врсник, само по себе претставува многу суптилна форма на насилство. Ако тргнеме пак, од научните тврдења, дека човекот има тенденција во три правци кон околината општо и кон другите луѓе конкретно:

1. “кон другите...”,”од другите...” и ”против другите...”, ќе сфатиме дека првото движење претставува конструктивно и алтрустичко однесување насочено кон луѓето.

2. Втората насока е одбегнување на социјалните контакти, т.е. своевидна изолација, или, условно кажано, социјален аутизам.

3. Третата опција е директното спротивставување против околината, своевиден бунт и агресивна насоченост. Да се биде против другите е во основата на агресивното однесување, бидејќи агресивноста не е само однесување, туку и особина на личноста, предиспозиција, но и чувство. Не секој кој се чувствува агресивно се однесува агресивно во истовреме. Значи, по оваа мала анализа заклучуваме дека еволуциски, децата кои имале модел на воспитување во семејството и другите социјални институции (домови, училишта итн.) кој нудел идентификација со правецот – против другите, имаат многу поголема предиспонираност да го развиваат тој однос кон околината и понатаму. Имено, најчесто деца кои потекнуваат од дисфункционални семејства од најразличен облик (родители зависници, едно родителски семејства, нарушени брачни односи, домски деца и др.), барем според статистиките се посклони кон насилно однесување кон врсниците. Иако и ова треба да се земе со резерва и да не се генерализира, бидејќи неретко сме сведоци дека сосема повлечени и мирни деца, кои биле насочени – од другите, т.е. социјално изолирани, интровертни и осамени, покажувале насилство со невидени размери (примерот со Брејвик кој одзема над 90 животи!) ако ја спуштиме нашата анализа на поконкретно феноменолошко ниво, може да се каже дека посклони кон насилство се деца со одредени емоционални проблеми (невротичност, психотичност, емоционална незрелост), деца и млади зависници, деца и млади кои доживеале рана макро-траума, па и генетски предиспонирани деца и млади со психотични и антисоцијални тенденции. Според некои социолошки теории најчесто, психопатските и насилни тенденции кај децата предиспонирани социјално и/или генетски кон оваа структура на личноста, насилството веќе до 16-та година би требало да се манифестира, најпрово со малолетничка деликвенција од помал калибар (ситни кражби, тепачки и сл.) па се до сериозни криминални дела (убиства, сексуално насилство, зависности и др.)

На кои начини се, се манифестира?

- Знаете како, колку луѓе, толку начини! Кој би знаел на што се е подготвен извитоперениот човеков ум или пак неговите внатрешни потиснати несвесни тенденции. Ние ја носиме агресивноста во нашиот бит, во нашата суштина така да, таа тлее во секој од нас. Дали ќе се манифестира зависи од воспитание, (не)поволни услови во околината, надворешна поддршка и што ли уште не. Начините се неброени и токму затоа врсничкото насилство меѓу малолетниците се манифестира на толку неверојатни и најбизарни патолошки форми (мачење животни, малтретирање на врсниците на најморбидни начини, емоционално насилство и др.) тоа може да биде на најпростиот, стар, физички начин, преку тепање, задевање, постојано физичко кошкање, па се до посуптилните форми на насилството (емоционално изживување, навредување со погрдни зборови, пцовки, следење и поткраднување, уценување, виртуелно набедување на социјалните мрежи, хакирање, објавување на нечии интимни податоци и информации, оддавање тајни за некој друг, давање различни непријатни и навредливи прекари и што ли уште не). Ако убаво размислиме за оваа долга листа треба да се замислиме како општество каде оди нашиот брод (тука мислам не само на нашата средина, зошто ова не е проблем само на транзициските земји, туку и на најразвиените).


Кои деца се најчести "жртви"?

- Одлично прашање! Жртви може да бидат сите деца! Неретко оној што насилствува друг и самиот е некому жртва, според сите начела на судбината или кармата. Но, најчести и најлесни жртви се токму оние деца што имаат предиспозиција за жртвена психологија: помалку сигурните, осамените, со ниска самодоверба, оние кои сметаат дека се помалку вредни и носат разни когнитивни искривувања за себеси (“не сум доволно добар”,”сигурно е до мене, јас нешто правам како што не треба”,”не вредам за ништо, јас сум промашување” и др.), деца кои не се адаптирани итн. Таквите деца како да ги повикуваат насилниците и им велат – еве, види јас сум жртва, дојди, повреди ме! Се разбира, оваа пежоративна функција на овие зборови ни оддалеку не значи дека треба да речеме – да, некои луѓе заслужуваат да се насилствувани. Не, никако и никогаш ниеден човек не смее да биде цел, мета на туѓите фрустрации, особено не на оние намерно вперени кон некого! Но, ова треба да биде апел и кон родителите да погледнат повеже на своите деца и што создаваат од нив, фокусифрани само на своите кариери! Понекогаш, жртвите случајно се нашле тука. Некои жртви се колатерална штета на непоправливата жед на некои деца да вршат насилство. Децата и младите како недооформени идентитети, честопати несвесно или полусвесно само го проектираат својот внатрешен бес далеку од неговата вистинска цел. На пример, незадоволниот тинејџер кој постојано е тепан и навредуван од родителите, омаловажуван и игнориран, таа своја фрустрација многу лесно ќе ја истури на некое невино дете само затоа што тоа потекнува од стабилно семејство. Се додека жртвата не стане свесна за својата положба, насилството ќе трае на различни начини. Создавањето вредносен систем за себеси, зголемувањето на довербата и осилувањето на себството се најдобрите одбрани од насилството.

Кои се они кои се спротивствавуваат, а кои се приклучуваат?

- Тешко е да се каже, зошто и меѓу склоните на насилство има чудно-правдољубиви единки. Имено, некои се приклучуваат заради тоа што така, во толпа или група чувствуваат некаква социјална припадност и дека с епрпеознаени и прифатени, иако не се свесни дека мотивот за тоа е сосема погрешен и патологизиран. Таа психологија на пр. Ја има во гангстерските, мафијашките кланови во кои се штити секој што не ја нарушува моќта на групата, или и припаѓа по разни основи а се уништува се што се спротивставува на групната идеологија. Некои деца и млади се спротивставуваат а тоа се оние кои не можат да го трпат насилството од разни причини: имаат трауми од насилство, свесни се за неправедноста на чинот, имаат некаква морална одговорност, храбри се, имаат близок однос со насилствуваниот и др. Мотивите за приклучување се многустрани и комплексни и честопати се несвесни. Проценката на ситуацијата кај оние кои се спротивствуваат е исто така многу битна работа. Понекогаш нечие спротивставување може скапо да се плати, за жал, честопати и со живот! Во човекот постои едно величествено и моќно чувство и/или потреба да се спротивстави на злото, најверојатно зад сето тоа стои т.н. Мит за јунакот, или една правдољубивост која има алтруистичка позадина. Имено, кога човек истапува и се спротивставува на неправдата, чувствува некаква морална победа и чувство дека – ја одбрал вистинската страна. Една мала анегдота го илустрира ова (...Кога имало голем пожар во шумата, некои животни оделе да го изгаснат. Меѓу нив и една мравка носела капка вода на лист од дрво. Лавот ја прашал каде тргнала со таа мала капка потсмевајќи и се и чудејќи се што таа капка може да изгаси. Мравката се свртела и само рекла – важно е на која страна си!) Поуката е сосема јасна, дека е значајно да се спротивставуваме на злото, секој на свој начин и со свои ресурси. Не сме сите еднакво храбри, одважни и моќни, но далеку од вистината е дека не можеме да сториме ништо. Да не заборавиме, ако го поддржуваме или премолчуваме насилството, тоа ќе расцвета!


Како да се "победат" предизвикувачите на насилство без последици?

- На разни начини. Некои со директно возвраќање по филозофијата – око за око, заб за заб...некои со игнорирање ако процениме дека сме доволно силни да го апсолвираме тенденциозното однесување...некои со трпеливост и добра тактика...некои со помош од страна итн. Начини има колку и форми на насилство и личности кои го вршат. Вистинска уметност е да се победи насилството без никакви последици. Луѓето се менуваат со спротивставување на такби тенденции. По некои борби, едноставно не можеме да бидеме истите. Ајде да речеме дека е мудро да се процени што добиваме и што губиме со спротивставувањето. Понекогаш неспротивставувањето е најдобрата одбрана, а понекогаш токму спротивното. Би било реалистично да се каже дека сме успешни ако имаме што е можно помали последици, оти без последици не поминува ниту една борба во нашите животи!

Кои се главните виновници за агресивните деца?

- Неквалитетните родители и гените кои носат генетски потенцијал за брза реакција, особено особините на нечиј темперамент како начин на реагирање, а тоа е наследна работа. Родители без емоциолна блискост и сурови по природа кон своите деца. Социјалното исклучување по било која основа е исто така виновник. Политичките партии ѓкои го двојат граѓанството на вакви и/или онакви, наши и ваши...Малото внимание на менталното здравје што се посветува во образовниот систем...Ингернетот кој изобилува со искривени реалности и слики од животот кои постојат за повеќето од нас само на убавите слики...Падот на вреднсотите итн., итн, итн...Како што гледате, листата е неверојатно богата и разновидна со тенденција да се збогатува, за жал...


Треба ли да се ангажираат психолози и околу децата но и околу возрасните задолжени за нивно воспитување?

- Ох, треба многу работи во овој свет за да биде истиот подобар! Секако, би рекол да се ангажираат добри психолози практичари, терапевти, социјални работници и др. Професионалци, но пред се, самите родители да ја разберат современата агонија, оттуѓеност и социјалниот аутизам на кој привикнуваме сите полека секој нов ден. На крај на краиштата, децата се нашето огледало, какви сме ние, такви ќе бидат и тие, или макар налик на нас. Училиштето не може да биде дом, психологот не може и не треба да ги замени мама и тато а улицата не може да игра улога на топла семејна средина, зошто улицата е сурова исто како и сите ние длабоко во себеси. Кој тоа ќе го изнесе а кој не зависи токму од набројаните фактори за да не биде светов толку насилен...

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг