Малдиви во Италија, одмор на „штиклата“ на Италија помеѓу Јадранско и Јонско море. Но, да не одите во август... Зошто ? Ви окрива Кристина Арнаудова, за која е незаборавна дестинација Саленто и прекрасната Италија. Прекрасните бели песоци и тиркизна вода, плажи кои треба да ги посетите се Лидо Пизо, Баја Верде, Бора Бора...
- Годинава на летен одмор бевме во Италија, во реонот Пуља, Саленто. Бевме веднаш до еден од најголемите градови таму, Галиполи, кој е прекрасен стар град, со голема тврдина и прекрасна архитектура. Сепак овој реон е најпознат заради прекрасните бели песоци и тиркизна вода, заради кој е наречен и Малдиви на Саленто. За посликовите објанување, овoј реон е точно, штиклата на Италија, од едната страна излегува на Јонското море, а на другата страна излегува на Јадранското море. И од двете страни плажите се бели, долги, во недоглед и неверојатно живописни. Вторпат бевме на истотото место на одмор. Предходно бевме во 2014 година и си поминавме неверојатно добро, па токму затоа решивме да одиме пак. Реонов има неколку клучни градови кои мора да се посетат, а се многу блиску еден до друг, па не е воопшто проблем секој ден да си на различно место и на различна плажа. Отранто е град кој излегува на Јадранското море и има позната тврдина и амфитеатар, кој е централно место за прошетки. Низ тврдината има милион продавници, кои вистински продаваат уникатни нешта, од храна до сувенири и облека. Рестораните се нешто кое мора да го посетите и да вкусите, италијански мезиња типични за овој реон, па се до морските плодови кои се најпознати во Италија. Овој реон е познат и по тоа што 99 отсто од туристите кои летуваат се Италијани, го нарекуваат и најдобро чувана италијанска туристичка тајна. Повеќето од нив имаат свои вили таму, а хотелите се реткост. Следниот град кој ќе уживате ако го посетите е Лече. Стариот град, црквите, и шеталиштата, како и амфитеатарот во самиот центар,се нешта кои не смеете да ги пропуштите. Ние скоро секој ден бевме во посета на различни места, а јас и моето семејство обожаваме такви динамични одмори, па тоа ни претставуваше задоволство.
Плажи кои треба да ги посетите се Лидо Пизо, Баја Верде, Бора Бора...
- До овој реон се стигнува со траект кој на кој се качувате во Игуменица, се патува цела ноќ, а патувањето ни поминува во спиење во соба, па така, кога наутро ќе се разбудите сте стигнале таму и не сте го осетиле патот. Италија, како земја, е нашата омилена дестинација, па барем еднаш годишно ја посетуваме, а таа е толку убава што колку и да ја шеташ, секогаш останува нешто недовидено, недошетано....
- Културата е типично италијанска, весели се, гласни, насмеани, љубезни....
- Во овој реон се наоѓа најголемиот рибен пазар во регионот, во Галиполи, а особено се познати морксите ежови и огромниот избор на свежи школки, кои ги нудат свежи и живи за јадење, на самиот пазар. Тоа е едно уникатно искуство кое препорачувам секој да го види и вкуси, кој што ќе се најде таму.
- Италија е секогаш различна од другите дестинации, таму се препушташ максимално на хедонизмот, на храната, на виното, на убавите нешта, се е успорено, бидејќи тие никогаш никаде не брзаат.
- Во Италија не треба причина за да се вратам, просто бидејќи е Италија, најубавата земја на светот (за мене).
- Тој дел на Италија е многу пристоен со цени, скоро се исти како кај нас, освен лежалките на плажа кој во овој период, август се најскапи, и достигнуваат до 40 евра за две лежалки чадор. И не само што се скапи, туку ако немате резервација, неколку дена однапред, заради огромната гужва која е во август, нема шанси да добиете лежалки.
- Да не одите во август таму, огромна гужва, бидејќи тогаш сите Италијани одат на одмор. За лежалка треба да одвоите сериозен буџет, но секако можете да престојувате и на слободни плажи, со ваше столче и пешкири. Нема да ви кажат дека во вилите нема клима, и скоро никаде нема интернет. Во агенциите овој реон нема ни да ви го понудат, бидејќи има многу малку сместување и многу скапо, заради малиот број хотели. Италијаните на тој начин го штитат од надворешни туристи. Најдобро е да си резервирате вила и да внимавате да има клима, бидејќи навистина знае да биде жешко.
(А.В)