Најчести сексуално преносливи болести и како да ги препознаете

Точка

29/08/2019

10:54

2.817

Големина на фонт

а а а

Се намалува границата на започнување на сексуални односи кај младите. Со тоа се зголемува ризикот од различни сексуално преносливи болести. Можеби вие не сте менувале партери, но не знаете и со тој еден или една што сте биле или сте, претходно какво искуство имале и со што се' можете да се инфицирате.

Затоа не е на одмет мала едукација, за да делувате превентивно и да спречите пред да лечите. Д-р Горица Дачевска – дерматолог открива кои се најчестите сексуално преносливи болести и како да ги препознаете. 


Кои се најчести сексуално преносливи болести?  

- Кондиломите се една од најчестите полово преносливи болести и се тема за која се уште многу малку се знае, а уште помалку се зборува со лицата кои се стручни да даваат одговори на тоа. Денес, младите стапуваат порано во сексуални односи, се поретко користат заштита и многу малку знаат за контрацепцијата и за полово преносливите болести. Често поради срам и незнаење им се доверуваат само на другарите, кои исто така не се доволно стручни за да им помогнат. Така проблемот станува многу поголем и поопасен кога ќе се решат на крај да се обратат на доктор.


Не можеме да влијаеме на одлуката кога некој ќе реши да стапи во сексуален однос, но барем можеме да ве убедиме дека е многу важно кога веќе ќе се впуштите во таков живот, да посетувате гинеколог и уролог барем еднаш или два пати годишно. Со редовна контрола, проблемот може да се открие во раната фаза и тогаш може полесно да се реши. Тука нема срам, мора да се има доктор на кому ќе му верувате и со кој ќе можете да зборувате за се. Само на тој начин ќе ги одбегнете многу опасните болести, меѓу кои е и ракот на грлото на матката.

Што ги предизвикува кондиломите? 

- Кондиломите се јавуваат кај сексуално активни луѓе во која било возраст. Предизвикувач е ХПВ вирусот или Humani papiloma вирусот. Повоочливи се кај мажите, па тие веднаш одат на доктор штом ќе забележат и најмали израстоци, додека кај жените на почетокот се помалку видливи ако се во внатрешноста на вагината и се многу поопасни, бидејќи ХПВ вирусот е голем ризик фактор за настанок на рак на грлото на матката.


Како да препознаеме кои се симптомите?

- Кондиломите можат да се појават по неколку недели, па дури и по 20 месеци од половиот однос т.е. инфицирањето. Така што можете долго време да го носите вирусот во вас, а да не го знаете тоа. Со самото тоа можете и други луѓе да заразите ако не користите заштита. На изглед, кондиломите личат на меки, рапави површини и безбојни се. Растат брзо и добиваат изглед на брадавици, а можат да се јават и во облик на гроздови на едно место. Кај жените се јавуваат во внатрешноста на вагината, на грлото на матката, на надворешните усни од вагината и околу анусот. Кај мажите воглавно се јавуваат на телото на пенисот и околу анусот. Кај бремените жени постои опасност да ги пренесат на новороденчето за време на породувањето.


Какви последици можат да предизвикаат?

- Штом ќе забележите некакви промени неопходно е да се јавите на доктор. Тој најдобро ќе одреди кој третман е најдобар за решавање на вашиот проблем. Кондиломите се лекуваат на разни начини, како на пример со подофилин, криотерапија, електрокоагулација и со ласерски третман. Треба да се спомене дека и покрај терапијата, вирусот останува во организмот и не може да се излекува. Така што, кондиломите пак се јавуваат при пад на имунитетот. Од ова можеме да заклучиме дека најдобра е превентивата. Користењето на контрацептиви и кондоми е обврзувачко и многу важно, посебно за жените (поради ризикот од рак на грлото на матката). Во последно време се појавија и вакцини против ХПВ вирусот, но и за тоа треба да се посоветувате со својот доктор. Редовно посетувајте го и секогаш превенирајте. Превентивата е на прво место. Немојте да чекате проблемот да достигне до толкави размери за утре да не можете да имате деца или да се борите со тешки болести како што е карциномот.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг