Егзодус во Атлетико: По Годин и Гризман, си оди и младата ѕвезда која беше купена минатото лето!

Дерби

15/05/2019

16:21

507

Големина на фонт

а а а

Чоло Симеоне на последната прес-конференција истакна дека во ниту еден момент не планира да го напушти кормилото на бродот кој го води веќе извесно време, а иако на обраќањето кое го имаше пред две недели изгледаше сосема обична фразата „Атлетико е поголем од било кој член во тимот“, сега излезе дека оваа изјава на Аргентинецот имала своја позадина.

Во краток временски интервал, Атлетико соопшти дека Диего Годин и Хуанфран ги играат своите последни натпревари, а сето ова доби свое неочекувано продолжение вчеравечер, кога како „бомба“ одекна информацијата дека Антоан Гризман става крај на својата етапа на „Ванда Метрополитано“. Францускиот напаѓач преку видео обраќање соопшти дека му е потребен нов предизвик во кариерата, а неговото заминување е само потврда за „ремонтот“ во тимот на Симеоне кој ќе го видиме ова лето.

Не треба да се заборави дека Атлетико го загуби и Лукас Ернандез кој замина во Баерн Минхен, а како што јавуваат угледните шпански медиуми, егзодусот во брзо време ќе биде комплетиран со суперталентираниот Родриго. Младиот играч за врска пристигна во Атлетико минатата сезона од Виљареал како фудбалер кој треба да биде идна ѕвезда, но сепак неговиот неверојатен прогрес направи да биде главна мета на големите клубови кои веднаш сакаат да ја активираат неговата клаузула.

Атлетико беше доволно невнимателен и му постави откупна клаузула од 70 милиони евра, а медиумите од Пиринеите тврдат дека Барселона, Манчестер Сити и Баерн Минхен веќе водат жестока битка за неговиот потпис. Со продажбите на Гризман и Родриго, плус онаа на Ернандез, Атлетико ќе инкасира 270 милиони евра, сума која Чоло ќе ја има на располагање за комплетен ремонт во неговиот прв тим.



Спонзорирани линкови

Маркетинг