25-годишната Адеа Шабани од Скопје е пријавена за исчезната на 23 февруари во Лос Анџелес. Во потрага по неа, американските власти нудат награда од 25 илјади долари за корисна информација која ќе помогне во нејзиното пронаоѓање.
Според полициските извештаи, Шабани исчезнала на 23 февруари под сомнителни околности. Таа последен пат била видена во близина на блокот 1700 на авенијата Вилкокс, недалеку од нејзиното место на живеење.
Пријателите на Адеа велат дека таа исчезнала околу 11 часот наутро. Актерката ја оставила вратата од својот дом отклучена по што тие мислеле дека брзо ќе се врати. Загрижените пријатели ја пребарале областа, надевајќи се дека ќе најдат некакви траги, а нејзината мајка најмила приватен детектив и веднаш отпатувала од Македонија, каде што живее нејзиното семејство.
На почетокот помислиле дека е зафатена, но сомнежот се зголемил откако Шабани пропуштила важен час на Академијата за актерство. Тогаш пријателите се јавиле во полицијата во Лос Анџелес.
“Немаме докази дека таа избегала ниту докази дека сакала да се повреди. Таа не исчезнала доброволно”, изјавил детективот Џејден Брант.
Адеа Шабани заминала на студии по актерство во Лос Анџелес пред две години. Таа е висока 165 центиметри и тешка околу шеесетина килограми. Има руса коса и сини очи.