Кокан Ајановски: Освен Африканците, не гледам друга конкуренција во полумаратонот

Точка

30/04/2015

12:34

18.466

Големина на фонт

а а а

Спаѓа во еден од најбрзите македонци, рекордер во категоријата полумаратон. Веќе подолг период се подготвува за Виз Ер Скопскиот Маратон. Не се плаши од конкуренција, сака предизвици и сака да победи на претстојниот полумаратон во Скопје. Максимално подготвен за трките кои му претстојат, Кокан Ајановски е човекот кој има своја школа за трчање, трча и максимално е посветен и живее за спортот. Кој е Кокан и како се подготвува читате во ова интервју на Точка.

Се наближува Виз Ер Скопскиот Маратон. Ќе трчаш во категоријата полумаратон. Како се подготвуваш?

Точно уште 11 дена до Виз Ер Скопски Маратон, но подготовките ги започнав многу од поодамна. Како активен натпреварувач во Македонија можам да кажам дека уште од зимата се подготвувам за овие трки и настани. Скопскиот Маратон ми е како најважна трка од овој прв дел од сезоната, бидејќи сакам да победам на Полумаратонот. Сега подготовките ги сведувам кон крајот, чисто рутински, да одработам уште некои појаки тренинзи оваа недела, додека последната недела од маратонот ќе бидам полесни тренинзите, затоа што многу е важно човек свеж да влезе во финишот од пред почетокот на трката. Поентата ми е, да не се префорсирам пред трката, за после да бидам уморен и да немам сила да ја истрчам трката.


Како физички и кондиционо се подготвуваш за да можеш да издржиш?

Конкретно околу од тренинзите, тренирам 6 пати неделно трчање, освен тоа два до три пати неделно вежбам вежби од типот на стомачни, истегање, грбни, вратило, кои што ми помагаат да ја подобрам општата физичка кондиција. Тренинзите ми се на Кеј, Водно, на Стадион, на стаза.

Сакаш да победиш на Виз Ер Скопскиот Маратон во категорија полумаратон. Како планираш да стигнеш до победата?

Претходните две години освоив второ место во категорија полумаратон. Во 2010 го освоив 3-тото место. Зборувајќи за вкупен пласман, до сега сум бил најдобар од Македонците. Се надевам дека оваа година ќе имам среќа, да нема некоја многу јака конкуренција, затоа што реално се знае кои се можностите кои може да ги оствариме тука. Јас можам да истрчам некои време блиску до мојот личен рекорд, а тоа би можело да биде и прво место. Ќе го дадам максимумот од себе, да се погодат сите коцки и да направам историски успех.


Кој е твојот рекорд?

Мојот личен рекорд на сертифицирана патека за полумаратон е 1 час и 12 минути.

Си трчал ли маратон?

Трчав еднаш, не го ни сметам дека тоа беше нешто сериозно, тоа беше во почетокот кога трчав од забава, не ни планирав дека еден ден ќе станам толку сериозен во трчањето, ќе се посветам комплетно на тоа и ќе направам такви резултати. Доколку победам на Скопскиот Полумаратон, затоа што тоа е мојот сон, планирам следната година да го истрчам целиот маратон, бидејќи е државно првенство и да бидам државен првак во маратон.

Каква е твојата исхрана?

Исхраната е многу важен фактор во спортот, воопшто и во здравјето на секој човек. За успех во спортот важна е исхраната, важна е физичката активност, како и одморот. Во поглед на мојата исхрана , се трудам секогаш да биде избалансирана, да јадам повеќе пати во денот, а помалку, односно на секои 3-4 часа. Избегнувам нездраво бладо, пржени работи, премногу мрсни, бели пецива, теста. Јадам овошје, зеленчук, протеинска храна, здрави шејкови и кога сетоа тоа ќе се практикува на подолг период, не само две недели пред трката, ќе доведе до соодветна форма која дава добри резултати.


Што јадеш на денот на трката?

За денот на трката имам посебен ритуал , секогаш станувам околу 4 часа пред трката, правам еден богат шејк, 3 часа пред трката, тој го јадам. На еден час точно пред трката пијам изотоничен напиток, 15 мин пред трката пијам 2 Гуарани и за време на самата трка, на секои 5 километри, постојано пијам изотоничен напиток. Тоа е конкретно како оди мојот ритуал на самиот ден на трката.

Ти се случиле ли незгодни ситуации додека трчаш?

Да, на почетокот кога почнав имаше и повеќе незгодни ситуации затоа што тогаш незнаев многу околу исхрана и трчање, па се случуваа и моменти кога за време на трка ми се оди и во тоалет. Меѓутоа со текот на време, како стекнав доволно искуство, научив како сето тоа да го контролирам, да не ми се случуваат такви ситуации. Друга непријатна ситуација може да ми се случи ако ме фати грч додека трчам, а тоа се случува доколу не сте доволно подготвени или доколу трчате темпо за кое вашиот организам не е подготвен. Останатите ситуации се позитивни и не паметам нешто друго кое ми се случило.


Која е идеалната патека на која што си трчал?

Идеална патека е онаа која што е рамна, која што нема големи успони, нагоре и надоле, да нема нерамнини, треба да биде релативно рамна, многу е важна температурата, некои 10-тина степени целзиусови се идеално време да не биде премногу топло, да не биде премногу ладно. Идеалната патека на која што досега сум трчал, беше минатата година на маратонот во Копенхаген, тоа беше светско првенство. Патеката беше релативно рамна, имаше многу публика, 30.000 учесници, условите беа добри, немаше ветер и обилен дожд, што е многу важно. И ете затоа го имам направено и мојот личен рекорд, 1 час и 12 минути.

На кои места си трчал?

Сум учествувал на многу трки, надвор од нашата земја сум бил дел од многу светски и европски првенства во планинско трчање. Сум учествувал на европски првенства на патеки на стаза, сум учествувал на многу улични трки, светски и балкански првенства во полумаратон, мојата омилена дисциплина. Во моја лична режија сум трчал на многу полумаратони кои се во главни градови, на пример во Прага, Будимпешта, Трст, Љубљана, Белград, Загреб, низ Италија и Австрија, буквално сум трчал на многу места.


На што мислиш додека трчаш?

Ако ми значи трката, мислам дали дишам добро, мислам дали е добар стилот со кој трчам, постојано сум фокусиран на времето, дали го трчам ритамот кој ми е предвиден. Мислам на конкуренцијата, дали е пред мене, дали е позади мене. Ако трчам на тренинг или на некоја трка која не ми значи, кај што уживам, едноставно си ја гледам околината, онака, мозокот ми влегува во некоја медитативна фаза и не знам кај сум додека трчам, од што сум го пуштил паметот на пасење, онака релаксирачки, опуштено.

Кого сметаш за конкуренција?

Конкретно за Виз Ер Скопскиот Маратон, конкуренција ми се Африканците со кои не можеме да се споредиме. Со нив шансите ќе бидат на теорија, од домашната сцена има некои млади натпреварувачи кои последната година напредуваа многу, но дефинитивно од кај нас немам некој кој што не може да ме победи на полумаратон. Од екс-ју просторите, може да дојдат некои добри натпреварувачи од Хрватска, Србија, Словенија, од секоја земја има по некој добар, не се знае ништо, ова е интернационален маратон, може да дојдат натпреварувачи од Америка, Франција, од било каде.


Што правиш кога не трчаш и тренираш?

Како и секој друг човек. Се дружам, се забавувам, читам книги, гледам ТВ, сурфам на интернет, се си тече најнормално.

Што си по професија?

По професија сум машински инжењер, нешто што го завршив за да имам диплома. Не си го следев срцето во тој период да запишам факултет за физичка култура, меѓутоа кога имаш голема љубов кон нешто, тогаш си го слушаш срцето. Не работам за тоа што дипломирав, туку работам како тренер. Имам школа за трчање, вежбам други луѓе, индивидуални тренинзи, тотално се посветив на спортот, спортот е мојот живот, моја работа, моја љубов, мое се’.

До кога планираш да трчаш?

Ова е спорт кој не знае за години и граници. Јас почнав да трчам на 26 години, сега имам 33, може да се трча цел живот, затоа што има и категории. До 40 години, до 50 години...планирам да спортувам целиот мој живот, не толку натпреварувачки како сега, ќе продолжам да си трчам маратони, така што да сум здрав и жив целиот мој живот планирам да го правам тоа.


Твој совет до сите читатели на Точка?

Би ги советувал да спортуваат, затоа што нема нешто поубаво кога човек е психофизички здрав, кога убаво се чувствува. Има енергија за се во денот, да оствари, се да постигне. Постојано е со позитивна енергија. Спортот не познава години. Ги повикувам сите да трчаат на Виз Ер Скопски Маратон, да бидат здрави и да се грижат за исхраната и физичката активност.


Автор: Марија Главчева