Лидерите на Европската Унија се соочија со продлабочување на поделбите околу повеќегодишниот буџет на Унијата, каде главните центри Берлин и Париз, како и групата „Пријатели на кохезијата“ не успеаја да постигнат компромис на самитот во Брисел.
Лидерите на 27-те земји на Европската Унија се состанаа во четвртокот во Брисел за да се обидат да најдат заедничка основа за финализирање на повеќегодишниот буџет на Унијата, но по состанокот црвените линии се чини дека се продлабочија меѓу главните спротивставени табори.
Самитот на ЕУ, специјално свикан за да се постигне напредок во следниот буџет на Европската Унија, заврши во хаос, бидејќи 27 шефови на држави и влади, поделени во спротивставени табори, одбија да се откажат од своите договорени позиции и отворено прашаа дали може да се постигне договор до декември, според анализата на состанокот на „Јуроњуз“.
Обидот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да ги натера лидерите на ЕУ да се откажат од своите позиции во врска со буџетот не успеа, а самиот состанок беше проследен со тензии, опомени, па дури и бојкоти, што го доведе во прашање лидерството на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, чиј кредибилитет сега зависи од успехот или неуспехот на овие преговори.
„Овој состанок беше неопходен чекор во процесот. Ова е процес на преговори. Нормално е различните страни да почнат да ги подвлекуваат и означуваат своите почетни точки. Секој знае дека не можеме да ја разочараме Европа и дека ни е потребен нов буџет од 1 јануари 2028 година“, рече Кошта на прес-конференцијата на крајот од самитот.
На самитот, според „Јуроњуз“, лидерите речиси и да не покажале подготвеност за компромис, а доминирале два табора – седум „Штедливи“ земји, решени да го намалат буџетот и 17 „Пријатели на кохезијата“, решени да се спротивстават на намалувањето на буџетот.
Според извештаите, тонот го поставила италијанската премиерка Џорџа Мелони, која им кажала на новинарите по пристигнувањето дека договорот за седумгодишниот буџет е „светлосни години далеку“, и ја доведе во прашање често повторуваната цел на Кошта за постигнување договор до крајот на годината со цел да се спречи процесот да се прелее во изборниот циклус во 2027 година.
„Ќе го потпишам договорот кога ќе го сметам за валиден и фер за Италија“, рече Мелони, додека холандскиот премиер Роб Јетен рече дека нема потреба од брзање и нема рок.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон ги зголеми влоговите поставувајќи суров ултиматум – да се постигне договор до декември или да се замине со празни раце, наведува „Јуроњуз“, додавајќи дека Макрон предупреди дека долготрајните преговори ризикуваат опасно да се заплеткаат во француската претседателска кампања.
Преговорите за буџетот беа засенети од длабоката политичка поделба меѓу Париз и Берлин, двата главни центри на ЕУ, а германскиот канцелар Фридрих Мерц инсистираше на дополнително намалување на буџетот.
На самитот требаше да се разговара за заем за поддршка од 45 милијарди евра за Украина, која се соочува со растечки дефицит поради нападот на Русија, но, се заклучува, борбата за буџетот ја „исцица“ целата енергија и ја остави Украина во втор план.
Следниот самит за буџетот треба да се одржи во декември, а некои аналитичари предвидуваат дека овие разговори ќе траат неколку дена и ноќи, пренесува Танјуг.















