Пратеникот Реџеп Исмаил ја критикува зголемената задолженост кај небанкарските финансиски друштва во Македонија, предупредувајќи за создавање индустрија што профитира од финансиската немоќ на граѓаните и посочувајќи на алармантен раст на бројот и вредноста на брзите кредити.
Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, реагира на алармантниот раст на задолжувањето кај небанкарските финансиски друштва, посочувајќи дека во Македонија се создава индустрија која профитира од финансиската немоќ на граѓаните.
„Едноставно, на човек да не му се верува како е можно еден ваков инструмент на капиталот да биде легален – да си правиш бизнис-модел од финансиската немоќ на народот“, истакнува Исмаил.
Според него, преку ниските плати, сиромаштијата, приватизацијата и кратењето на јавните услуги се создаваат услови граѓаните да бидат финансиски ранливи, а потоа истите тие се претвораат во клиенти на индустрија која своите профити ги гради врз нивната немаштија.
Преку рекламите за наводна „финансиска достапност“, брзите кредити се претставуваат како решение, додека граѓаните се вовлекуваат во сè поголема должничка зависност.
„ВМРО-ДПМНЕ, типично десничарски, сиромаштијата од општествен проблем ја претвори во пазарен производ“, потенцира Исмаил.
Тој вели дека бројките во Македонија се алармантни. „Заклучно со јуни 2026 година, активни биле 263.423 кредити кај небанкарските финансиски друштва, со вкупна вредност од 237 милиони евра. За споредба, на крајот на 2025 година вкупното задолжување изнесувало 189 милиони евра. Тоа претставува зголемување од 48 милиони евра за само шест месеци“, рече Исмаили.
Дополнително, додаде тој, стапката на потенцијално ненаплатливи кредити пораснала од 5,9% на 7%, додека кај традиционалниот банкарски сектор таа изнесува околу 2,4%.








