Беким Сали во Тирана: Планот за раст носи конкретни резултати и ја забрзува европската интеграција

Макфакс

26/11/2026

16:10

96

Големина на фонт

а а а

Беким Сали, министерот за европски прашања и прв заменик на претседателот на Владата, учествуваше во Тирана на состанок за европска интеграција каде ги презентираше резултатите од Планот за раст на Западен Балкан и позитивните ефекти за Северна Македонија, нагласувајќи ги реформите, инвестициите и напредокот кон членство во Европската Унија.

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок за европска интеграција, на 26 ноември во Тирана, во рамки на Самитот за Планот за раст на Западен Балкан.

На сесијата посветена на постигнувањето резултати и забрзувањето на спроведувањето, Сали го презентираше напредокот на Северна Македонија во реализацијата на Реформската агенда. Тој истакна дека земјата обезбедила 142,1 милиони евра од Инструментот за реформи и раст, додека 22 реформски чекори, со проценета бруто-вредност од над 112 милиони евра, се пријавени во четвртото барање за средства и чекаат оценка од Европската комисија.

Министерот нагласи дека придобивките од интеграцијата веќе се мерливи. До септември 2026 година, преку Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) се реализирани над 581 илјада трансакции, во вредност од околу 11 милијарди евра, со проценети заштеди од над 5 милиони евра.

Во своето обраќање, Сали стави акцент и на модернизацијата на граничните премини Деве Баир, Блаце и Богородица во рамки на иницијативата Зелени коридори, интеграцијата во европските синџири на вредност, усогласувањето на индустриските стандарди, дигитализацијата и одржливиот туризам. Тој ги презентираше резултатите од WiFi4WB, со над 204 илјади уникатни корисници, како и потенцијалот на иницијативите DigitMAK и Везилка за дигитална трансформација и вештачка интелигенција.

Сали ја нагласи потребата од предвидлива финансиска поддршка и по 2027 година и од потесно поврзување на реформите, инвестициите и пристапот до единствениот европски пазар. Тој потврди дека постепената интеграција и регионалната соработка треба да го зајакнат пристапниот процес заснован на заслуги, додека полноправното членство во Европската Унија останува стратешка цел на земјата.