Временската прогноза најавува сончево и студено време со утрински температури кои ќе паднат до минус 5 степени, додека за викендот се очекуваат врнежи од дожд и снег преку целата земја.
Времето денес ќе биде сончево и постудено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 2, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, сончево и постудено со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Во среда утрото ќе биде ведро и студено насекаде со негативни утрински температури. Преку денот облачноста постепено ќе се зголемува и од крајот на денот следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во четврток, особено во западните (над 30 l/m²), а во петок во јужните и во источните делови (над 20 l/m²). Поради заладување во деновите од викендот се очекува врнежите да бидат од дожд и снег.








