На неформалниот министерски состанок во Атина, Тимчо Муцунски имаше средба со министерката за надворешни работи на Унгарија, Анита Орбан, при што беше потврдена силната поддршка на Унгарија за европската интеграција на Западниот Балкан и заеднички беа истакнати регионалните безбедносни и развојни предизвици.
Во рамките на министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со министерката за надворешни работи на Унгарија, Анита Орбан.
„На средбата беше изразено задоволство од континуираниот развој на односите и одличната соработка меѓу двете земји, како на билатерален план, така и во рамките на регионалните и мултилатералните формати. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за натамошно продлабочување на соработката во областите од заемен интерес“, соопштија од Министерството.
Посебен акцент бил ставен на европската перспектива на Западниот Балкан и на потребата од континуитет и кредибилитет на процесот на проширување на Европската Унија, како важен поттик за реформите, развојот и стабилноста на регионот.
Министерот Муцунски ја поздравил силната и континуирана поддршка од Унгарија за европската интеграција на Западниот Балкан.
Воедно, биле разменети мислења за актуелните регионални и безбедносни предизвици, при што била нагласена заедничката определба за зачувување на мирот, стабилноста и натамошно унапредување на регионалната соработка.








