„Градот на чудата“ каде Шји го пречека Трамп: Има 18 милиони жители и повеќе облакодери од Њујорк – вака изгледа водечката технолошка метропола во Кина

Точка

18/11/2026

21:03

1.375

Големина на фонт

а а а

Шенжен, кинеската водечката технолошка метропола, денес е еден од најбогатите и најбрзорастечките градови во светот. Познат како кинескиот одговор на Силициумската долина, градот е дом на големи технолошки компании, милијардери, иновации и футуристички решенија кои го менуваат секојдневниот живот.

Оваа недела градот привлече дополнително внимание поради Доналд Трамп, кој стана првиот актуелен американски претседател што слетал во Шенжен, по повод самитот на АПЕК, на кој кинескиот претседател Шји Џинпинг ги претставува успесите на модерна Кина.

Сместен во непосредна близина на Хонгконг, Шенжен е симбол на кинескиот економски и технолошки развој.


Ако разговарате со кој било од 18-те милиони жители на Шенжен, тие гордо ќе ви кажат дека тоа е „град на чудата“ – има повеќе облакодери од Њујорк и петта највисока зграда во светот – Финансискиот центар „Пинг Ан“, пишува „Си-ен-ен“.

Неговите улици се исполнети со автономни електрични такси-возила, дронови што доставуваат храна и модерна инфраструктура. Соларните инсталации ги осветлуваат улиците, додека имињата како Паркот на талентите, Патот на стартапите и Градината на знаењето ја отсликуваат неговата ориентираност кон иновациите.

Просечната возраст на жителите изнесува само 32 години. Во модерните кафулиња младите претприемачи разговараат за деловни идеи и заработка, додека семејствата размислуваат за образованието на своите деца во странство.

Шенжен станал град на амбиции, претприемништво и брзи промени.


Од рибарско село до светска метропола

Пред само педесетина години, Шенжен бил сиромашно подрачје опкружено со земјоделско земјиште, во сенка на богатиот Хонгконг. Пресвртницата настапила кон крајот на 1970-тите години, кога кинескиот лидер Денг Сјаопинг започнал економски реформи и одлучил неколку градови на југот на земјата да ги претвори во експериментални зони на слободниот пазар.

Шенжен бил избран поради близината до Хонгконг и можноста за привлекување странски капитал. Владата понудила стимулации за експертите и претприемачите да се преселат во градот и да започнат сопствен бизнис.


Меѓу оние кои ги искористиле новите можности биле Рен Женгфеи, основачот на „Хуавеј“ (Huawei), и Ванг Чуанфу, основачот на компанијата „BYD“. „Хуавеј“ прераснал во еден од најголемите технолошки конгломерати во светот, додека „BYD“ станал водечки светски производител на електрични автомобили, надминувајќи ја „Тесла“ според продажбата.

Денес Шенжен е седиште на бројни светски познати компании, меѓу кои се „Tencent“, еден од најголемите светски гиганти во областа на интернетот и социјалните медиуми, и „DJI“, најголемиот светски производител на дронови.

„Хуавеј“ и „BYD“ имаат особено значајна улога и на самитот на АПЕК, каде што се користат напредни модели на возила од „BYD“, опремени со технологии на компанијата „Хуавеј“.

Во 1990 година, Шенжен станал првиот кинески град со ресторан на „Мекдоналдс“, што во тоа време претставувало симбол на отворањето на земјата кон светот.

Сè попривлечен за странските туристи

Шенжен во последните години стана една од најпопуларните кинески дестинации за странските посетители, веднаш зад Шангај.

Во текот на 2025 година, повеќе од два милиони странски туристи преноќиле во градот, што претставува зголемување од околу 70 отсто во споредба со претходната година. Особено е популарен меѓу жителите на Хонгконг и Макао, кои го посетуваат поради близината и попристапните цени.


Странските посетители најчесто ги истакнуваат неговата технолошка развиеност, чистотата, модерната архитектура и добрата организација. Иако е преполн со облакодери и современи градби, градот не делува премногу забрзано. Многу населби имаат мирна, локална атмосфера, со зелени површини и пријатни улици.

Шенжен постојано се менува. Мрежата на метрото се проширува, железничките линии се модернизираат, а секоја година околу половина милион луѓе се доселуваат од други делови на Кина.

За неговите жители, токму чувството на постојан напредок е една од најголемите предности на животот во овој град.

Како да стигнете и што да посетите?

Кина во последните години ги олесни туристичките посети за странските државјани. Граѓаните на Велика Британија и Европската Унија можат да патуваат без виза, додека американските туристи можат да ги користат посебните услови за безвизен транзит, кои овозможуваат престој до десет дена во провинцијата Гуангдонг, под услов да го продолжат патувањето кон трета дестинација надвор од континентална Кина.

Шенжен е лесно достапен од Хонгконг, со кој е поврзан преку шест гранични премини. Наједноставниот начин на патување е со метро, преку линијата „East Rail“, која го поврзува централниот дел на Хонгконг со граничните станици Ло Ву и Лок Ма Чау. Достапни се и автобуси, брзи возови и фериботи.


Меѓу најинтересните делови на градот се издвојува Шекоу, населба во југоисточниот дел на Шенжен, позната по меѓународната атмосфера, рестораните и баровите.

Љубителите на технологијата не би требало да го пропуштат Хуаќјангбеј, најголемиот пазар за електроника во светот, со повеќе од 100.000 компании кои продаваат различни електронски уреди и компоненти.

Градот, сепак, сака да стане познат и по културата и уметноста, а не само по технологијата и трговијата. Поради тоа, во последните години интензивно го развива музејскиот и културниот живот.

Во октомври бил отворен огранок на познатиот музеј „Фотографиска“ (Fotografiska), основан во Стокхолм, додека во мај започнал со работа Меѓународниот музеј на уметноста во Шенжен.


Во неговата колекција се наоѓаат дела на ренесансните уметници Тицијан и Тинторето, бронзени глави на животни од кинескиот зодијак, традиционална кинеска калиграфија и дела на познати кинески уметници.

Од сиромашно рибарско подрачје до глобален центар на технологијата, финансиите и културата, Шенжен претставува еден од највпечатливите примери за забрзаната трансформација на модерна Кина.

Неговиот развој покажува како стратешкото планирање, државните инвестиции и претприемачкиот дух за само неколку децении успеале да создадат метропола која денес има значително влијание врз светската економија.

Фото: Си-ен-ен, АП