Птичјиот грип повторно ја погоди Холандија: За една недела ќе бидат усмртени 184.000 животни

Макфакс

14/11/2026

19:20

160

Големина на фонт

а а а

Во Холандија потврден е птичји грип по третпат оваа недела во селото Хирден, што резултира со усмртени 184.000 животни. Надлежните мерки вклучуваат забрани за транспорт и засилен надзор над фармите за да се спречи понатамошно ширење на вирусот.

Птичји грип по третпат оваа недела е потврден на фарма во холандското село Хирден, во покраината Гелдерланд, поради што ќе бидат усмртени околу 19.000 животни, соопштија надлежните служби.

Холандската управа за безбедност на храна и производи за широка потрошувачка (НВВА) наредила усмртување на околу 6.000 патки и 13.000 кокошки несилки за да се спречи понатамошно ширење на вирусот, пренесува јавниот сервис НОС.

Фармата била погодена од птичји грип и во 2022 година.

Во радиус од 10 километри околу заразеното стопанство има уште 14 живинарски фарми. Во тој регион веднаш е забранет транспортот на живина, јајца, ѓубриво и простирка за животни.

Претходно неделава, поради птичји грип на уште две фарми за одгледување патки во истото село, биле усмртени вкупно 165.000 животни.

НВВА ја истражува појавата на заразата на трите фарми и се обидува да утврди како вирусот се проширил, но портпарол на институцијата предупредил дека причината за ваквите инфекции често е невозможно да се утврди.

Фармите во радиус од три километри од заразените стопанства ќе бидат под засилен надзор.

Во Холандија од крајот на октомври е на сила и обврската живината да се чува во затворени простории или под заштитни мрежи, со цел да се спречи понатамошно ширење на птичјиот грип.