Финскиот министер за одбрана ја оцени како неприфатлива руската понуда која бара Финска да излезе од НАТО и повлекување на воените бази од источните земји на Алијансата, додека Кремљ ги негира овие тврдења.
Финскиот министер за одбрана Анти Хаканен изјави дека руските барања за намалување на присуството на НАТО во земјите на источните граници на Алијансата претставуваат тест за решителноста на САД и Европа во преговорите.
Неговата реакција следува откако германскиот весник „Билд“ објави дека Москва предложила нов европски безбедносен поредок, кој меѓу другото би вклучувал излегување на Финска од НАТО и повлекување на воените бази на Алијансата од балтичките земји.
„Русија сака европските членки на НАТО да ги ограничат сопствените активности за да им служат на руските интереси, а за такви работи не може да се преговара“, изјави Хаканен.
Тој оцени дека самата идеја за вакви барања е неприфатлива и дека Русија се обидува да испита до каде се подготвени да попуштат САД и Европа.
Сепак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги демантираше информациите дека Москва побарала Финска да го напушти НАТО.
„Не знам ништо за тоа. Не, такви услови не се поставени. За тоа дефинитивно не се разговарало“, изјави Песков.
Финскиот министер смета дека Русија не пристапува сериозно кон мировните преговори, туку се обидува да ги прошири своите барања од војната во Украина кон промена на целиот европски безбедносен поредок.
„Не треба да наседнуваме на нивниот блеф“, порача Хаканен.
Финска стана членка на НАТО во 2023 година, по руската инвазија на Украина, со што значително се продолжи копнената граница на Алијансата со Русија.








