Али Ахмети преку сватот земал кредит од 5 милиони евра од „Алта банка Белград“, велат од „Вреди“

Макфакс

13/11/2026

14:40

473

Големина на фонт

а а а

Партијата „Вреди“ обвинува дека Али Ахмети преку својот сват добил кредит од 5 милиони евра од српската „Алта банка“ во Белград, што упатува на можни случаи на политичко-финансиска корупција и повикува на итна истрага од надлежните институции.

Клучен факт поврзува Али Ахмети со контроверзниот српски бизнисмен

„Пред македонската јавност го презентираме клучниот факт кој директно го поврзува најблиското семејно опкружување на Али Ахмети со контроверзниот српски бизнисмен Давор Мацура и белградската „Алта банка“.

Додека Али Ахмети и врвот на ДУИ со години јавно продаваа лажен патриотизам, далеку од очите јавноста нивната семејна бизнис-мрежа склучувала милионски договори директно во Белград. Денес, кога сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, се наоѓа во притвор во Србија, а Народната банка мораше да воведе привремена администрација за да го заштити македонскиот банкарски систем, трагите на парите водат директно до Зајас и Кичево“, истакнуваат од „Вреди“.

Компанијата „АС Сењак“ и заемот од „Алта банка“

Во центарот на оваа операција, како што додаваат од оваа партија, е кичевската компанија „АС Сењак“, фирма во сопственост на Селаудин Арифи, сват на Али Ахмети, која, како што велат, на јавноста веќе ѝ е добро позната како партнер на внукот Дрин Ахмети во милионското преземање на “Соравија”.

„На 9 јуни 2025 година, токму во екот на подготовките за влез на српската „Алта банка“ во Македонија, компанија во која косопственик е токму „АС Сењак“ на сватот на Ахмети, добива кредит од 5 милиони евра и тоа директно од централата на „Алта банка“ во Белград.

Прашувања до Али Ахмети и врвот на ДУИ

Јавно го прашуваме Али Ахмети и врвот на ДУИ:
По која економска логика и за какви заслуги банката на Давор Мацура од Белград исплаќа 5 милиони евра свеж капитал на фирма директно поврзана со семејството на Ахмети?
Како е можно банка од Србија, токму во моментот кога бара начин за влез и купување на Стопанска банка Битола во Македонија, да кредитира со милионски суми фирми на сватот на лидерот на партијата чии кадри, Фатмир Бесими, Бујар Османи и Артан Груби со години ги контролираа финансиските и државните текови?
Дали со овие 5 милиони евра кредит исплатени од Белград за семејната мрежа на Ахмети, Давор Мацура всушност си ја платил политичката поддршка и си го купил влезот во македонскиот банкарски систем“.

Ова, оценуваат во „Вреди“ не е обичен бизнис, туку класична шема на политичко-финансиска корупција.

Повик за испитување на кредитот

Од партијата го повикуваат Јавното обвинителство и Управата за финансиско разузнавање веднаш да ги отворат меѓународните трансакции од 9 јуни 2025 година и да ги испитаат околностите под кои услови е одобрен кредитот од Белград, со каков залог е покриен и на чии сметки во Македонија завршиле, како што истакнуваат од „Вреди“ петте милиони евра од „Алта банка“?

„На Али Ахмети и на ДУИ им порачуваме да не се кријат зад празни политички пароли, бидејќи веќе на следната прес-конференција ќе објавиме што точно се случило само три месеци по легнувањето на овие 5 милиони евра од Белград“.