Александар Давчевски, претседател на Градската организација на СДСМ, ги критикува неуспесите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, истакнувајќи дека Скопје се соочува со сообраќаен хаос, нерешени проблеми со чистотата, поплави, и недостаток на инфраструктурни проекти, при што ги повикува властите да преземат одговорност и да работат на подобрување на градот.
Претседателот на Градската организација на СДСМ, Александар Давчевски, на прес- конференција порача дека на 13 ноември 1944 година Скопје беше ослободено, а денес градот е заробен од неспособна и криминална власт на ВРМО. Тој посочи дека градоначалникот на ВМРО, Орце Ѓорѓиевски донесе нефункционалност, сообраќаен хаос, ѓубре, диви депонии и криминал.
Нефункционален град и хаос
„Нефункционален град, сообраќаен хаос, ѓубре и диви депонии, криминал и глутници од кучиња скитници насекаде. Една реченица и само десетина секунди беа доволни за целосно да се опише првата година од мандатот на актуелниот градоначалник. Дваесет и деветте минути празен отчет на Орце беше само очаен обид преку партиски ПР да се покрие тоталниот распад што Скопјани го живеат секојдневно“, рече Давчевски.
Проблемите со чистотата и сообраќајот
Претседателот на Градската организација на СДСМ, Александар Давчевски, посочи дека и покрај поставувањето на 3.300 нови контејнери, Скопје не е почисто. Дивите депонии се враќаат, контејнерите се преполни, а проблемот не се решава со поставување контејнери, туку со редовно собирање на отпадот.
„Не е успех да се постават нови контејнери, туку отпадот редовно да се собира и градот да ни биде чист. Граѓаните чекаат автобуси, линиите не функционираат редовно, а најавите за нови автобуси и дигитални решенија сè уште не се претвораат во резултати. БРТ, за кои се обезбедени 70 милиони евра, повторно се одложила. Скопјани не можат и не заслужуваат да живеат од нови ветувања и нови рокови“, рече Давчевски.
Проблеми со поплави и инфраструктура
Давчевски предупреди дека по секој пообилен дожд делови од градот се соочуваат со поплавени улици и сообраќаен колапс, што е последица на недоволното одржување и отсуството на системски решенија. Запуштени се и парковите и јавните површини, а контролата на загадувачите речиси и да не постои.
„Каде се 346-те проекти со кои ја барате и добивте довербата од скопјани? Каде се ветените булевари, катни гаражи и инфраструктурните решенија? Никаде ги нема и само се бараат изговори. И додека проектите доцнат или откажуваат, се отвораат сериозни прашања за трошењето на јавните пари“, рече Давчевски.
Тој додаде дека одговорноста е кај ВМРО, која со години го блокираше градот преку Советот, а денес градоначалникот се фотографира пред инфраструктурни проекти започнати од СДСМ.
„Одговорноста за состојбите не може постојано да се префрла на други и се некој друг да биде виновен за состојбите во градот. Врв на лицемерие е четири години преку Советот да го блокирате градот и да ги држите Скопјани како заложници. За денес градоначалникот бескрупулозно да се слика пред мостовите Михајло Апостолски и Љубљанска и булеварот Борис Трајковски, кои ги почна СДСМ“, рече Давчевски.
Потреба од функционирана градска власт
Давчевски нагласи дека граѓаните не бараат чуда, туку основни услови за нормално функционирање на градот – чисти улици, редовен јавен превоз, проодни улици, уредени паркови и реализација на ветените проекти.
„И одговорот, за жал, е многу едноставен – не. Градоначалничката функција не е привилегија за политичка себепромоција, туку одговорност за функционирањето на градот. На Скопје и скопјани не му требаат уште една година најави и оправдувања. Му треба градска власт што ќе работи, ќе решава проблеми и ќе испорачува резултати“, рече Давчевски.
















