Научниците во индискиот дел на источните Хималаи откриле пет нови видови мали рогати жаби, со што бројот на познати видови од оваа група се зголемил повеќе од двојно.
Тим научници од Универзитетот во Делхи и Универзитетот Харвард дошол до овие откритија по петгодишни теренски истражувања, идентификувајќи ги жабите како припадници на групата „Jingophrys“, пренесе „Би-би-си“.
Меѓу нив е и „Jingophrys tanogogo“, односно рогата жаба која се храни со полжави. Таа е првиот познат вид жаба во Индија што се храни со полжави, како и првиот забележан припадник на своето семејство со ваков начин на исхрана.

Истражувањето укажува дека Хималаите одиграле многу позначајна улога во еволуцијата на жабите отколку што претходно се претпоставувало, истакнувајќи го овој регион како недоволно препознаено жариште на биолошката разновидност.
Иако го привлекува вниманието на научниците и истражувачите, голем дел од ова подрачје сè уште не е целосно истражен.
Државата Аруначал Прадеш особено се издвојува како еден од најмалку истражените региони во рамките на овој планински венец.

Д-р Сонали Гарг, која го предводела истражувањето во Музејот за компаративна зоологија на Универзитетот Харвард, истакнала дека ова истражување покажува како значајните еволутивни промени можат да останат незабележани кај видовите кои се недоволно проучени.
Студијата, насловена „Двојно скриен биодиверзитет на минијатурните рогати жаби“, е објавена на 11 ноември во научното списание „Royal Society Open Science“.
Некои од новооткриените видови се исклучително тешки за забележување и можат да се пронајдат во оддалечените шуми само за време на краткиот период на размножување, се наведува во студијата.

ДНК-анализата покажала дека рогатите жаби во источните Хималаи во текот на милиони години брзо еволуирале во бројни различни видови, паралелно со издигнувањето на планинскиот венец и формирањето на азискиот монсун, што воедно го поттикнало развојот на растителниот и животинскиот свет во овој регион.
Истражувачите додале дека локалните племиња им пружиле клучна поддршка за време на теренските истражувања, како и знаења кои овозможиле да се дојде до овие откритија.
Некои од видовите го добиле името токму по овие заедници. На пример, рогатата жаба тани (Jingophrys taniitatii) го добила името со комбинирање на називот на племето тани, кое живее во овој регион, и зборот „tatti“, што на локалниот јазик на народот Апатани значи „жаба“.
Фото: Би-би-си












