Христијан Мицкоски објави документ од 2023 година кој покажува дека тогашната влада на СДСМ го одобри влезот на Државното правобранителство во деловни односи со Алта Банка, сопственост на Давор Мацура, предизвикувајќи реакции за капацитетот и поврзаноста на банката.
Премиерот Христијан Мицкоски објави одлука на владата на СДСМ, во времето кога премиер беше Димитар Ковачевски, во кој тогашната влада одобрила Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта Банка на Мацура.
„Јас би сакал еден документ да го презентирам овде пред македонската јавност, а тоа е извадок од Нацрт записникот од 194 седница на Владата одржана на 24 октомври 2023 година. Тогаш претседател на Владата е господинот Димитар Ковачевски и на самата седница на Владата се отвора темата за Алта Банка АД Белград, односно тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими излегува со информација во која бара од Владата да му одобри на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта Банка- Србија“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на надзорната расправа во Собранието за состојбите во „Алта Банка“ Битола, како одговор на обвинувањата дека актуелната власт дозволила сомнителен капитал од Алта Банка да влезе во македонска банка.
„Уште во 2023 година владата на СДСМ и ДУИ на владина седница му дава насока на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта Банка со истиот овој сопственик Давор Мацура. Тука се поставува прашањето дали тие тогаш знаеле кој е Давор Мацура или кога се одлучиле акциите кои што ги поседува државата во банката која што ја купува Давор Мацура да му ги продадат, имале претстава дека тоа е руски капитал, „прљави“ пари, криминално стекнати пари или тогаш тоа не важело? На таа владина седница е присутна половина пратеничка група на СДСМ во својство на членови на Влада. Најпрвин од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, потоа таму е присутен Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи, министер за земјоделие е Љупчо Николовски, министер за транспорт е Благој Бочварски и останати членови на Владата. Сите тие гласале да се даде право на државното правобранителство акциите кои се сопственост на Македонија во банката која што ја купува Давор Мацура, да му ги отуѓат на Давор Мацура“, посочи Мицкоски.
Тој запраша каков бил капиталот на „Алта банката“ во 2023 година или тогаш имало други околности и тогашната власт имала блиска соработка со Александар Вучиќ.
„Сакам македонската јавност ова јасно да го знае, дека Македонија како држава во деловни односи со „Алта Банка“ на Мацура ја носи Владата на СДСМ и ДУИ, на предлог на тогашниот министер Фатмир Бесими, на седница на која што гласаат половина пратеничка група на СДСМ во својство на членови на таа влада“, заклучи Мицкоски.











