Македонско исламско здружение се најде на списокот на организации што египетскиот Кривичен суд во Каиро ги прогласи за терористички. Одлуката, која вчера беше објавена во египетскиот службен весник, опфаќа вкупно 35 организации и 36 лица од повеќе европски земји, а нивното внесување во националните регистри на терористички организации и лица ќе важи во наредните пет години.
Станува збор за здруженија и исламски институции од Франција, Велика Британија, Германија, Швајцарија, Шведска, Италија и други европски држави. Меѓу нив се наоѓа и организација од Македонија, наведена под арапското име „Таджаму ал-Шабаб ал-Ислами“ (تجمع الشباب الإسلامي), што во превод значи „Исламско младинско здружение“.
Сепак, засега не е познато за кое точно македонско здружение станува збор. Како што објави порталот „Религија“, името наведено во египетскиот список по преводот потсетува на „Исламски младински форум – Скопје“, здружение регистрирано во Македонија. Но, во овој момент нема официјална потврда дека станува збор за истиот правен субјект.
BREAKING: Egypt has placed 35 Europe-linked Islamist organizations on its terror list.
Muslim countries are now sanctioning European entities for being too extreme.
Let that sink in. https://t.co/DRymLzi0Ta
— Eyal Yakoby (@EYakoby) November 11, 2026
На списокот се најдоа и неколку познати исламски организации и институции од Европа, меѓу кои Советот на муслиманите во Европа, Исламската асоцијација во Велика Британија, Лигата на муслиманите во Швајцарија, Исламската заедница во Германија, Европскиот совет за фетви и истражувања, Европскиот совет на имами и Европскиот институт за хуманистички науки.
Она што засега останува неразјаснето е конкретната причина поради која македонската организација се нашла на оваа листа. Во досега објавените информации нема посебно образложение за нејзиното вклучување, ниту се наведени конкретни докази за наводна поврзаност со терористички активности.
Исто така, нема дополнителни детали за тоа дали египетските власти располагаат со конкретни сознанија за дејствувањето на здружението или врз основа на кои информации е донесена одлуката.












