Одредени високи функционери во европскиот фудбал веќе со недели посакуваат легендарниот менаџер на Арсенал да се одлучи на овој чекор .
Поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, ја разгледува можноста да се кандидира против Џани Инфантино на изборите за претседател на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), пренесоа денеска британските медиуми.
Како што пренесува „BBC“, одредени високи функционери во европскиот фудбал веќе со недели ја посакуваат кандидатурата на Венгер, а Французинот сега сериозно ја разгледува таа можност.

Венгер има 77 години, поради што се поставува прашањето дали би можел да обезбеди долгорочно раководење со светската куќа на фудбалот. Сепак, дел од неговите поддржувачи сметаат дека би можел да победи на изборите, а потоа да се повлече пред истекот на четиригодишниот мандат.
Инфантино се соочи со критики откако пропадна неговиот план за продажба на комерцијални удели во Светското првенство на приватни инвеститори. Иако и натаму има поддршка во Јужна Америка, Африка и Азија, евентуалната кандидатура на Венгер би можела да претставува нов предизвик за актуелниот претседател на ФИФА.

Венгер, кој ја извршува функцијата директор на ФИФА за глобален развој на фудбалот, би можел да смета на поддршката од Европската фудбалска унија (УЕФА), која го предводи спротивставувањето на Инфантино.
Извори блиски до Французинот наведуваат дека тој сè уште не донел конечна одлука за кандидатурата, додека рокот за пријавување на кандидатите што сакаат да му се спротивстават на Инфантино е 18 ноември.

Покрај поранешниот тренер на Арсенал, кандидатура најавија и поранешниот фудбалер на Тотенхем, Рамон Вега, и почесниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Јапонија, Козо Ташима.
Инфантино минатиот месец се извини поради откажувањето од планот за продажба на удели во Светското првенство, но не објасни подетално како настанал тој предлог. Венгер во меѓувреме се огради од целиот проект, истакнувајќи дека не учествувал во неговото осмислување и дека за него првпат дознал од медиумите.












