Вељко Пауновиќ го повика дефанзивецот на Ѓер додека Страхиња Павловиќ чека дополнителни прегледи. Србија в петок во Белград ќе го бара првиот бод во групата А2.
Милјан Крпиќ доби дополнителен повик во српската репрезентација пред дуелите со Германија и Грција во Лигата на нации. Селекторот Вељко Пауновиќ во понеделникот објасни дека Страхиња Павловиќ е под лекарски надзор по удар и дека неговиот настап зависи од дополнителните прегледи.
Митровиќ се враќа, Влаховиќ отпаѓа
Александар Митровиќ се враќа во составот, а Пауновиќ ќе процени колкава минутажа може да му даде по разговор со напаѓачот. Душан Влаховиќ и Алекса Терзиќ нема да бидат на располагање, а Саша Лукиќ и Немања Максимовиќ го пропуштаат мечот со Германија поради жолти картони. Капитен останува Душан Тадиќ.

Од првиот тренинг на Србија во Стара Пазова. Фото: ФСС
Прво Белград, потоа Волос
Србија ја пречекува Германија на „Рајко Митиќ“ на 13 ноември од 20:45 часот по Скопје. Три дена подоцна, во истиот термин, гостува кај Грција во Волос. На првиот тренинг во Стара Пазова на терен работеа играчите што во неделата немаа клупски настап, а останатите имаа тренинг за опоравување.
Пауновиќ како пример ја посочи завршницата против Холандија во Ајндховен, кога Србија го притисна домаќинот. Од екипата очекува да ја задржи таа игра подолго и да биде поконкретна во завршницата.








