Кремљ најави дека мировните преговори за Украина во Абу Даби ќе бидат меѓу Русија, Украина и САД, без учество на европски претставници. Ова доаѓа како демант на француските најави за учество на Европа, додека украинскиот претседател ги усогласува ставовите со Европската комисија.
Кремљ соопшти дека мировните преговори за Украина, кои неделава ќе се одржат во Абу Даби, ќе се водат меѓу претставници на Русија, Украина и САД, без учество на европски претставници.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, со ова ја демантираше изјавата на францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој вчера најави дека француски претставници ќе учествуваат на преговорите на 10 и 11 ноември.
„Она што ќе се случува во Абу Даби во наредните денови се трилатерални преговори меѓу Русија и Украина, со посредство на Соединетите Американски Држави“, изјави Песков.
Тој додаде дека Вашингтон и Киев имаат сопствени канали за комуникација со европските партнери.
На состанокот се очекува да се разговара за можностите за завршување на војната во Украина, безбедносните гаранции по војната и намалувањето на тензиите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека пред преговорите разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и дека ги усогласиле ставовите.
„Урсула и јас ги усогласивме ставовите за состанокот во Абу Даби. Правиме сè за трилатералниот формат да донесе резултати“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.








