12. издание на Битола Шекспир фестивал за прославата на 82 години на Народниот театар Битола

Макфакс

08/11/2026

14:00

300

Големина на фонт

а а а

Оваа година, Народниот театар – Битола го прославува својот 82-ри роденден со 12. издание на Битола Шекспир фестивал, кој носи богата театарска програма и учество на меѓународни уметници, со што ја афирмира македонската култура на светската сцена.

На 14 ноември 1944 година е основан Народниот театар – Битола, македонски театар со статус на национална установа и најстар театар во Македонија.

Денес, 82 години подоцна, зад оваа институција стојат повеќе од осум децении театарска историја, илјадници сценски мигови, генерации уметници и публика, претстави што оставиле траен белег и континуитет во создавањето и афирмирањето на македонската култура.

Оваа година, роденденот на Театарот се одбележува со настани кои на јубилејот му даваат уште поголема уметничка и меѓународна димензија.

Токму на 14 ноември се отвора 12. издание на Битола Шекспир фестивалот, меѓународна театарска средба која и годинава во Битола носи продукции, уметници и театри од Италија, САД, Ерменија, Романија, Грузија и Малта.

Посебен визуелен идентитет на годинашното фестивалско издание му дава официјалниот плакат, чие авторство е на Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, познатиот македонски илустратор, чиј препознатлив уметнички ракопис го збогатува визуелниот израз на фестивалот.

А фестивалот се отвора со „КОРИОЛАН“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел. Оваа претстава веќе ја носеше приказната за Народниот театар Битола надвор од границите на Македонија, реализирајќи три меѓународни гостувања, покрај премиерното претставување на фестивалот Охридско лето. Настапите на меѓународните фестивалски сцени ја потврдија нејзината улога како значаен амбасадор на македонската театарска уметност.

И токму на роденденот на Театарот, по својот меѓународен пат, „Кориолан“ ќе ја има својата премиера на матичната сцена – пред домашната публика.

Амбицијата, гордоста, политичката моќ и односот меѓу поединецот и народот се во срцето на оваа Шекспирова трагедија. Преку приказна која и по повеќе од четири века звучи изненадувачки современо, „Кориолан“ нè соочува со прашањата за властa, манипулација, вистина и човечката гордост. Приказна за светот во кој живееме и за човечката природа која, и покрај сите историски промени, останува иста.