Левица реагира поради високата стапка на убиства на жени од интимни партнери во Македонија, истакнувајќи недостатоци во полициското постапување и неизгледување на измените на Законот за заштита од семејно насилство во Собранието. Партијата бара итна акција за подобра заштита на жртвите и одговорност за пропустите во случаите на фемицид.
Македонија има околу 560 полицајци на 100.000 жители, наспроти европскиот просек од приближно 340, а сепак сме на третото место во Европа по стапката на убиства на жени од интимни партнери. Во оваа противречност е содржано едно од најтешките прашања за Панче Тошковски – како држава со толку бројна полиција не успева да воспостави ефикасна заштита од насилството врз жените, прашуваат од Левица.
„И Европската комисија во Извештајот за 2026 година констатира сериозни недостатоци во пријавувањето, истрагите и кривичното гонење на родово базираното насилство, недоволни специјализирани услуги, нефункционални сервиси и недостиг од финансиски и човечки капацитети. Панче Тошковски мора да одговори каде е полицијата кога жените алармираат за заштита и помош од државата. Колкумина од службениците се обучени за проценка на ризик од фемицид? Колку пријави за повторено насилство се третирани како високоризични? И каде се резултатите од најавеното зајакнување на системот?“, прашуваат од партијата.
Одтаму велат дека досегашните грозоморни случаи на фемицид се показател за последиците од пропустите во полициското постапување.
„И покрај претходните пријави и можноста институциите да интервенираат, овие жени ги загубија животите. Во случајот со Росица од Велес, кај 11 полициски службеници беа утврдени неправилности во постапувањето, но досега нема соодветна судска разрешница за нивната одговорност. Наместо сериозна одговорност за пропустите во заштитата на жртвите, следуваат дисциплински постапки и санкции, додека последиците за жените се неповратни. По трагедијата со Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја, Владата најавуваше итни промени, законски интервенции и засилена координација. Работната група подготви измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со решенија за побрзо постапување на институциите и поефикасна заштита на жртвите. Предлог-измените се доставени до Собранието во август 2026 година, но сè уште не се ставени на дневен ред. Три месеци мнозинството не наоѓа време да расправа за закон што произлегува од потребата да се спречат токму ваквите институционални пропусти. Бараме измените веднаш да бидат ставени на дневен ред на Собранието и да се овозможи нивно разгледување и изјаснување“, велат од Левица.
Партијата бара од Тошковски конкретни одговори за полициското постапување и одговорноста за пропустите во случаите на фемицид, а од собраниското мнозинство веднаш да ги стави предложените законски измени на дневен ред.
„Не е прифатливо законските решенија да чекаат во собраниска процедура, додека институциите продолжуваат да се соочуваат со истите пропусти и жените да се претвораат во уште една статистика“, велат од Левица.
















