Членот на извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, обвинува дека лидерот на опозицијата Мицкоски ги копира методите на српскиот претседател Вучиќ, заканувајќи се на СДСМ поради аферата со Алта банка и одбивајќи да даде објаснувања за сомнителниот капитал и улогата во финансискиот систем.
Мицкоски го копира Вучиќ, и кога нема одговори за „Алта банка“, се заканува на СДСМ, нагласи членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски. На прес-конференцијата, Фрчкоски појасни дека Мицкоски ги презема истите методи што Вучиќ ги користеше против студентите и опозицијата во Србија, обвинувајќи ги дека го рушат уставниот поредок. Тој посочи дека Мицкоски наместо да одговори кој дозволил влез на банка со сомнителен капитал во македонскиот финансиски систем, се заканува на СДСМ која што ги изнесува вистините за Алта банка.
„Затоа е во паника и се обидува на ист начин да се заканува како што Вучиќ правеше со студентите и опозицијата во Србија кои ги нарекуваше терористи кои го рушат уставниот поредок. Повикувањето на членови од кривичниот законик за ширење паника во Србија доведе до апсења на опозицијата. Сега Мицкоски прави copy-paste на одлуките на Вучиќ и заканите по негов налог“, рече Фрчкоски.
Фрчкоски нагласи дека зад нападите врз СДСМ се крие стравот на Мицкоски од вистината за Алта банка, бидејќи токму тој и Трајко Славески ги имале сите информации и можноста да спречат влез на банка со сомнителен капитал.
„Мицкоски е во паника поради вистината за Алта банка. Приказната почна да се одмотува.
Мицкоски и Славески мора да одговараат што дозволија влез на банка со сомнителен капитал – пералница на Вучиќ“, рече Фрчкоски.
Тој порача дека наместо да се заканува на СДСМ на владини прес-конференции и да го повикува Обвинителството да не гони, Мицкоски треба да даде одговори за сопствената улога и за одлуките што биле донесени во врска со Алта банка.
„Затоа, кога Христијан Мицкоски го повикува обвинителството, прво нека го повика во својата канцеларија, кај себе во Владата.Потоа може да ги упати и кај Трајко Славески, во Народната банка. Нека кажат што им донесе Вучиќ. Банка за перење пари од криминал и од корупција“, рече Фрчкоски.












