Зеленски: Опасно е кога човек како Илон Маск има толку голема моќ

Макфакс

06/11/2026

08:50

397

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека сè поголемото политичко влијание на милијардерот Илон Маск претставува опасност за помалите држави. Истовремено, изрази надеж дека победата на демократите на изборите за американскиот Конгрес ќе донесе поголема воена помош за Украина и ќе го принуди рускиот претседател Владимир Путин на преговори.

Зеленски во интервју со германскиот сатиричар Јан Бемерман за емисијата „Магазин Ројал“ на телевизијата ЗДФ зборуваше за американската политика, можноста за одржување избори во Украина за време на војната, германските ракети „Таурус“ и предлогот за зимско примирје.

Опасно е кога еден човек има толку голема моќ

Бемерман го праша за објавата на Маск на социјалната мрежа Икс по американските избори, во која милијардерот се пошегува дека неговите „вселенски ласери за мешање во изборите“ не успеале.

„Не знам кога е сериозен, а кога се шегува. За мене тоа е премногу сериозна работа кога зборува за сателити“, рече Зеленски.

Тој ѝ се заблагодари на компанијата „Спејс Икс“ на Маск за обезбедувањето сателитска интернет-врска, која беше исклучително важна за Украина по почетокот на руската инвазија. Сепак, го критикуваше односот на Маск кон војната.

„Кога многу богат човек може да влијае врз американската политика, тоа е опасно за помалите земји“, предупреди Зеленски.

Според него, изјавите на Маск за тоа кој треба да управува со Германија или Украина не се само лични ставови, бидејќи милијардерот има големо финансиско и политичко влијание.

„Тој нема право да влијае врз тоа“, порача Зеленски.

Украинскиот претседател се осврна и на наводното лично богатство на Владимир Путин.

„Велат дека тој е најбогатиот човек на светот. А кој е втор најбогат? Путин. Можеби Путин е најбогатиот. Не знам“, рече Зеленски.

Се надева на поголема помош по победата на демократите

Зеленски ја поздрави победата на демократите на американските избори за Конгресот. Тој се надева дека новиот однос на силите во Конгресот би можел да ја зајакне соработката меѓу Вашингтон и европските сојузници и да ја зголеми помошта за Украина.

„Имаме поддршка од двете партии. Благодарен сум им и на републиканците, но демократите многу јасно зборуваат за поддршката на Украина“, рече тој.

Според Зеленски, демократите најавиле зајакнување на односите меѓу САД и Европа, како и продолжување на воената и финансиската помош за Киев.

Тој смета дека посилната западна поддршка би можела да влијае и врз одлуките на Путин за продолжување на војната.

„Ако Конгресот сега зборува за силна финансиска помош или помош во оружје, како што тоа денес го прави Европа, верувам дека тоа позитивно ќе влијае врз Путин“, изјави Зеленски.

Тој верува дека зголемената воена помош би можела да ја приближи Украина до преговори, бидејќи Русија би морала повторно да ја процени цената на продолжувањето на војната.

Предложил зимско примирје за Украинците да можат да гласаат

Украинскиот претседател зборуваше и за притисоците од Вашингтон и Москва Украина да одржи претседателски избори и покрај војната.

Според него, изборите за време на воена состојба не би биле фер, бидејќи милиони Украинци не би можеле да учествуваат на нив.

Тој потсети дека приближно девет милиони Украинци се наоѓаат во странство, милиони живеат на територии под руска окупација, а голем број војници се на фронтот.

„Да се одржуваат избори додека војниците не можат да гласаат не е фер. Тоа е сто отсто нефер“, рече Зеленски.

Додаде дека би можело да се разгледа и гласање преку интернет, но украинскиот парламент претходно би морал да донесе соодветни закони и да обезбеди заштита на изборниот процес.

Предупреди и дека одржувањето избори за време на војната би можело дополнително да ги продлабочи политичките поделби во украинското општество.

Зеленски откри дека на американската страна ѝ предложил да се обиде да договори прекин на огнот со Русија во текот на зимата.

„Им реков на Американците: Можете да постигнете договор со Русите за прекин на огнот во текот на зимата. Тогаш луѓето ќе имаат струја и вода, а за тоа време можеме да одржиме и избори“, изјави тој.

Зеленски посочи дека одредени луѓе во Вашингтон сакаат негово заминување од власта, но нагласи дека евентуалните избори мора да им овозможат вистинско учество на сите Украинци.

„Путин не сака да ја заврши војната“

На прашањето зошто Украина не се согласи да отстапи дел од територијата за да заврши војната, Зеленски одговори дека Киев повеќепати поддржал предлози за прекин на огнот што Москва ги одбила.

„Путин не сака да ја заврши војната. Путин не прифаќа прекин на огнот“, рече тој.

Тој ги обвини западните влади дека не реагирале доволно одлучно на руската анексија на Крим во 2014 година, со што, според него, ѝ овозможиле на Москва да ја продолжи агресијата.

„Луѓето на Запад мислат дека Украина отсекогаш добивала помош. Не, тоа не е вистина“, рече Зеленски.

Потсети дека позначајната западна воена помош почнала да пристигнува дури по руската инвазија во февруари 2022 година, осум години по окупацијата на Крим и делови од Донбас.

Повторно побара германски ракети „Таурус“

Зеленски повторно ја повика Германија да ѝ испорача на Украина крстосувачки ракети „Таурус“.

Тој го критикуваше двоумењето на Берлин, потсетувајќи дека канцеларот Фридрих Мерц ги поддржувал таквите испораки додека бил во опозиција.

„Таурус е чувствително прашање. Верувам дека таквиот пристап е погрешен“, рече Зеленски.

Додаде дека Мерц и германскиот министер за одбрана Борис Писториус се добро запознаени со украинските барања.

Објасни дека на Украина ѝ се потребни овие ракети за уништување на руските лансери за балистички ракети, особено кога нема доволно противракетни проектили за одбрана од нападите.

„Кога Американците не можат да испорачаат противбалистички проектили, имаме само едно решение: мора да ги уништиме лансерите“, рече тој.

Нагласи дека Украина сака да напаѓа воени позиции од кои Русија лансира ракети, а не цивилна инфраструктура.

Зеленски ѝ се заблагодари на Германија за системите за противвоздушна одбрана „ИРИС-Т“, помошта за украинските бегалци и поддршката за обезбедување снабдување со енергија во текот на зимата.

„Германија сега е најголемиот поддржувач во Европа и благодарни сме ѝ“, рече тој.

Бев кловн, а сега седиме тука и разговараме за војна

Во разговорот стана збор и за животот на Зеленски пред влегувањето во политиката, кога работеше како телевизиски комичар и актер.

„Јас сум кловн. Толку долго бев на телевизија, се обидував да ги насмеам луѓето и правев глупости“, му рече Зеленски на Бемерман, кој исто така е познат како комичар.

„Двајцата го правевме тоа. А сега седиме тука и мораме да разговараме за војна. Што, по ѓаволите, се случи?“, праша тој.

Зеленски рече дека руската агресија од темел го променила украинското општество, вклучително и неговиот личен живот и кариера.

На прашањето дали планира по војната да се врати на комедијата, одговори дека работата во забавната индустрија е добра професија, но не откри дали повторно ќе ѝ се посвети.

„И да се биде претседател е добро. Тоа е тешка работа, голем предизвик“, рече тој.

„Морате да направите сè за да обезбедите вашата земја да преживее за време на војната“, заклучи Зеленски.