Модниот пребарувач „Lyst“ објави извештај за третиот квартал од 2026 година со кој покажа дека нема дилема – ова е есента на „Прада“.
Покрај тоа што италијанската модна куќа моментално е најпопуларниот моден бренд, благодарение на порастот на пребарувањата од дури 55%, со што напредуваше за пет места и се искачи на првата позиција, таа стои и зад чантата што во последно време ја пребаруваат најмногу корисници на оваа платформа.

Станува збор за „Prada Wish Silk Duchesse Pouch“, чанта чија популарност забележа скок од дури 498% во текот на третиот квартал од 2026 година, односно во периодот од јули до септември.
Познатите жени ја обожаваат чантата на „Прада“
Секако, овој модел го ставија на женската модна мапа низа светски познати имиња, а само дел од девојките кои ги видовме со чантата „Prada Wish Silk Duchesse Pouch“ се Кери Малиган, Хантер Шафер, Алекса Чанг, Елса Хоск…

Особено внимание привлече жолтата верзија во лимонова нијанса, која Хантер Шафер ја носела на забавата по овогодишната Мет гала …

Додека Алекса Чанг се појавила со шик светлосин модел на ревијата на „Прада“ за пролет/лето 2027 година.

„Prada Wish Pouch“ е една посебна чанта
Овој едноставен модел бил претставен во рамки на колекцијата за пролет/лето 2026, а се издвојува по својата мека, сјајна свилена површина, опуштената форма и затворањето со помош на врвка за стегање.

За разлика од класичните луксузни чанти кои имаат цврста конструкција, оваа се носи лежерно, во рака како плик-чанта.
Нејзината силуета потсетува на вреќичка во која вообичаено се чуваат дизајнерски чевли или други скапоцени парчиња, па дури и на платнените вреќички што се носат како ранци за тренинг, но „Прада“ на оваа едноставна форма ѝ даде луксузна интерпретација.

Инаку, чантата е достапна во неколку нијанси, меѓу кои црна, сива, бронзена и розова, а на веб-страницата на „Прада“ моментално чини 980 долари.

Тоа секако не е висока цена за парче од една луксузна модна куќа, со оглед на тоа што цените на чантите на „Прада“ во Европа во просек се движат меѓу 1.650 и 3.800 евра, во зависност од моделот, материјалот и големината, додека во Америка се и повисоки.













