Отворена првата градинка во населбата Подстаница

Макфакс

03/11/2026

14:00

264

Големина на фонт

а а а

Во населбата Подстаница во Општина Кисела Вода е отворена првата детска градинка наречена „Ѕвездички“, со капацитет за 40 деца од 2 до 6 години. Градинката е целосно опремена преку грант од Светска Банка и ја отворија градоначалничката и министерот за социјална политика.

Денеска во населбата Подстаница во Општина Кисела Вода беше пуштен во употреба новиот објект „Ѕвездички“, кој претставува прва детска градинка во ова населено место.

На настанот присуствуваа градоначалничката на општината, Бети Стаменкоска Трајкоска, и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кои го означија почетокот на работата на оваа установа.

Капацитетот на „Ѕвездички“ првично е предвиден за 40 деца на возраст од 2 до 6 години, со можност за понатамошно проширување. Децата ќе бидат сместени во две занимални.

Преку грант од Светска Банка, обезбеден во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, објектот е целосно опремен со нов мебел, дидактички материјали, постелнина и комплетна кујнска опрема. Паралелно, општината активно работи на партерното уредување на дворот, кое е во тек.

„Станува збор за објект каде имаме две занимални за возраст од две до шест години, со вкупен капацитет од засега четириесетина дечиња, со можност оваа бројка дополнително да биде зголемена. Имаме и чајна кујна, просториите се навистина убаво организирани и заедно правиме континуирани напори да им овозможиме на најмладите убави услови и да имаме повеќе дечиња“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.