[ВИДЕО] Емотивно враќање таму каде што испиша историја: Кака официјално примен во Куќата на славните на Милан

Точка

01/11/2026

13:07

342

Големина на фонт

а а а

Големото градско дерби „Дерби дела Мадонина“ синоќа целосно му припадна на Милан, кој убедливо го совлада Интер со 3:1.

Но, покрај триумфот на теренот, вечерта на „Сан Сиро“ беше исполнета со силни емоции и носталгија, а во центарот на вниманието беше човекот чие име со златни букви е запишано во историјата на клубот – легендарниот Рикардо Кака.


Непосредно пред почетокот на натпреварот, бразилскиот волшебник официјално беше примен во Куќата на славните на Милан. Чекорејќи по добро познатиот терен, освојувачот на „Златната топка“ од 2007 година не можеше да ги сокрие солзите, додека преполните трибини громогласно го поздравуваа.

„Неверојатно е тешко со зборови да опишам сè што чувствувам кога сум овде, на Сан Сиро, опкружен со навивачите на Милан. За мене ова е посебен, незаборавен ден“, изјави видно трогнатиот Бразилец.


На новинарското прашање дали би сакал во блиска иднина повторно да види бразилски фудбалски мајстори во црвено-црниот дрес, Кака со препознатлива насмевка одговори: „Секогаш сакам да гледам Бразилци во големите клубови на светскиот фудбал и секако, би сакал повторно да играат за Милан, Исто така, исклучително го ценам и Лука Модриќ, кој ми е одличен пријател и во приватниот живот“, изјави тој.

Кака пристигна на „Сан Сиро“ во 2003 година од Сао Паоло и во следните шест сезони стана икона на клубот, одигрувајќи 193 првенствени натпревари и постигнувајќи 70 голови пред да премине во Реал Мадрид.


Својата нераскинлива врска со Милан ја потврди и со враќањето во сезоната 2013/14, кога забележа дополнителни 30 настапи и седум погодоци, зацврстувајќи го својот статус на еден од најомилените фудбалери меѓу навивачите на црвено-црниот дел од градот.