Настанот посветен на унапредување на безбедноста и здравјето при работа во Северна Македонија се фокусира на менталното здравје и превенцијата на психосоцијалните ризици на работното место, при што беа презентирани добрите практики на домашните компании и беа доделени националните награди за тоа поле.
Унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа (БЗР), со акцент на менталното здравје и психосоцијалните ризици на работното место, културата на превенција и добрите практики на домашните компании, ги обедини сите релевантни чинители на настанот со кој беше одбележана годинешната Европска недела за безбедност и здравје при работа. Во рамките на настанот беа доделени и националните награди за добра практика во безбедноста и здравјето при работа за 2026 година.
Настанот го организираше Советот за безбедност и здравје при работа, со поддршка од Меѓународната организација на трудот (МОТ), во рамките на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија (ЕУ). На одбележувањето учествуваа претставници на ресорните државни институции, организациите на работодавачи, синдикатите, компаниите и стручната јавност од областа на БЗР во земјава, како и на Делегацијата на ЕУ, МОТ и Европската агенција за безбедност и здравје при работа.
„Заштитата на животот и здравјето на работниците треба да биде составен дел од работењето и управувањето со секоја организација и компанија. Културата на превенција се гради со секојдневни одлуки, навремено препознавање на ризиците, ефективна комуникација и активно учество на работниците. Безбедноста и здравјето при работа не смее да биде сведено исклучиво на исполнување на законските прописи, изработка на документација или формално спроведување на процедури и протоколи. Вистинската заштита започнува тогаш кога безбедноста станува дел од организациската култура, кога превенцијата е составен дел од секоја деловна одлука и кога грижата за работниците се препознава како вредност, а не како трошок. Вложувањата во безбедност и здравје при работа ја зголемуваат продуктивноста, задоволството и мотивацијата на вработените и го зголемуваат успехот на компаниите. Ова се најдобрите причини зошто треба да градиме систем кој ќе ги истакнува и наградува добрите БЗР практики, поттикнувајќи ги и останатите да ги применуваат“, истакна проф. д-р Јасмина Чалоска, претседателка на Советот за безбедност и здравје при работа, во своето обраќање на отворањето на настанот.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши потсети дека безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник и дека приоритетна цел е да создадат услови во кои секој вработен ќе има безбедна и здрава работна средина, со соодветна заштита и почитување на неговото достоинство. „Современите технологии и дигитализацијата носат нови можности, но и нови ризици. Затоа, како Министерство за економија и труд, остануваме посветени на унапредување на законската регулатива, зајакнување на превенцијата и подигнување на стандардите за безбедност и здравје при работа. Особено ме радува што и оваа година имаме компании кои покажуваат дека вложувањето во безбедноста на вработените е инвестиција, а не трошок. Со доделувањето на Националната награда сакаме да ги истакнеме добрите практики и да поттикнеме што повеќе работодавачи да го следат нивниот пример“, посочи министерот Дурмиши.
„Европската Унија го поддржува унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа во Северна Македонија преку зајакнување на институциите и приближување кон европските стандарди. За работниците, тоа треба да значи подобра заштита и работна средина во која се води грижа и за физичкото и за менталното здравје. Превенцијата е вложување во луѓето и во одржливоста на компаниите“, рече Мауро Машиоли, програмски менаџер во Делегацијата на ЕУ во РСМ.
Во своето обраќање, Клер Харасти, директорка на Канцеларијата на МОТ за Централна и Источна Европа, истакна дека грижата за менталното здравје мора да биде составен дел од управувањето со безбедноста и здравјето при работа. „Нашата порака ја става превенцијата во центарот. Психосоцијалните опасности мора да се идентификуваат и проценуваат, а со нив да се управува со истата сериозност како
со физичките, хемиските и биолошките опасности. А превенцијата бара дејствување од работодавачите, учество на работниците, ефективни институции и силен социјален дијалог“, нагласи Харасти.
На настанот се обратија и Светлана Ристова Антиќ, извршен директор на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Миле Бошков од Бизнис Конфедерацијата на Северна Македонија (БКСМ), Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) и Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво и планирање (СГИП) и потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Во рамки на настанот беа доделени и националните награди за добра практика во безбедноста и здравјето при работа, кои годинава ги добија „ARC Automotive“ и Друштвото за производство, трговија и услуги „Лутхман Бацклунд Фоодс Продукција ДОО Битола“.
Презентирајќи ги своите искуства, наградените компании ги истакнаа придобивките за нивните организации и конкретните резултати за своите вработени постигнати преку спроведување на различни активности од областа на безбедноста и здравјето. По доделувањето на наградите следуваше дискусија за приоритетите при креирањето современ систем за превенција и контрола, како и за потребата од ефективен социјален дијалог и соработка во функција на обезбедување безбедни и здрави работни места.
Менталното здравје како дел од безбедната работна средина
Годинешната Европска недела за безбедност и здравје при работа е посветена на менталното здравје на работното место и превенцијата на психосоцијалните ризици. Неделата е дел од тригодишна кампања на Европската агенција за безбедност и здравје при работа.
Главниот фокус на кампањата оваа година, што се реализира под мотото „Заедно за менталното здравје при работа“, е на тоа како организацијата на работата влијае врз менталното здравје. Кампањата поттикнува навремено препознавање на психосоцијалните ризици, како што се прекумерниот обем на работа, недоволната контрола врз работните задачи, лошата комуникација, несигурноста на работното место, недоволната вклученост во одлучувањето и вознемирувањето, како и создавање работна средина што обезбедува поддршка за менталното здравје на работниците.
Според податоците на Европската агенција за безбедност и здравје при работа, 45% од работниците во ЕУ пријавуваат изложеност на ризици за нивната ментална добросостојба на работа, а 29% пријавуваат стрес, анксиозност или депресија предизвикани или влошени од работата. Според експертите, иако овие податоци не се однесуваат на Северна Македонија, сепак укажуваат на постоечки глобален тренд. „Овие податоци укажуваат на неопходноста менталното здравје на вработените и психосоцијалните ризици да бидат вклучени во стратешките политики на секоја земја и да се спроведуваат на ниво на секоја организација, истовремено нагласувајќи ја важноста на превенцијата и на подобрата организација на работата“, вели Маја Папатолевска, национална контакт-личност на Европската агенција за безбедност и здравје при работа.
Поддршка за унапредување на националниот систем за БЗР
Годинешното одбележување на Европската недела за безбедност и здравје при работа се надоврзува на тековните активности за унапредување на националниот систем за безбедност и здравје при работа во рамките на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“.
Овој проект се спроведува во периодот 2025–2028 година, во партнерство со националните институции и социјалните партнери. Тој е насочен кон унапредување на законската и стратешката рамка, модернизација на инспекцијата на трудот, развој на единствен национален систем за евиденција и анализа на повредите и професионалните заболувања, како и зајакнување на капацитетите и културата на превенција во земјата. Главната цел е да се намалат повредите на работно место и професионалните заболувања, да се подобри продуктивноста и да се изгради култура на безбедност што ќе им користи на сите работници и работодавачи. Повеќе информации за Проектот може да се најдат на https://bzr.mk/
















