Минчев од Прилеп: Академијата е сржта на професионалната администрација, знаењето мора да се претвори во резултати

Макфакс

26/10/2026

15:00

222

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, истакна од Прилеп дека Академијата за професионален развој и обука на административни службеници е клучна за градење на професионална и ефикасна администрација која се базира на знаење, одговорност и конкретни резултати.

Професионалната администрација не се гради со декларации, туку со знаење, одговорност и конкретни резултати. Институциите не се вреднуваат според бројот на донесени документи, туку според квалитетот на нивната работа и услугите што ги добиваат граѓаните. Ова беше пораката на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој денеска од Прилеп се обрати на вториот циклус генерички обуки за административните службеници за 2026 година.

„Не е доволно да имаме закони и процедури ако немаме луѓе што знаат доследно да ги применуваат“

„Не е доволно да имаме закони и процедури ако немаме луѓе што знаат доследно да ги применуваат. Знаењето без примена останува потенцијал, професионалноста без одговорност е само декларација, а работата без резултати не ја исполнува својата цел. Нашата обврска е да изградиме администрација што знае, умее и испорачува!“ истакна Минчев.

Академијата за професионален развој е основа на администрацијата

Сржта на оваа определба е Академијата за професионален развој и обука на административните службеници, чиј почеток со работа е планиран за 1 јануари 2027 година. Академијата треба да воспостави систем во кој учењето нема да биде повремена активност, туку континуиран процес, а професионалниот развој составен дел од работата на секој административен службеник.

Фокусот е на квалитет и континуирана обука

„Академијата не е само место за обуки, туку темел на администрацијата што сакаме да ја изградиме. Не можеме да очекуваме подобри услуги ако не вложуваме во луѓето што ги обезбедуваат. Затоа воспоставуваме систем што ќе го развива знаењето, ќе ги унапредува професионалните компетенции и ќе ја зајакнува одговорноста. Силата на институциите почнува со квалитетот на луѓето, а нивната вредност се докажува со резултатите што ги испорачуваат“ порача министерот.

Подготовки за нови програми и систем за учење

Во тек се подготовките за функционирање на Академијата, развојот на програмите и модулите за обука, унапредувањето на системот за електронско учење (ЛМС) и обезбедувањето услови за спроведување обуките.

Знаењето почетна точка за реформи и подобри услуги

„Министерството за јавна администрација продолжува со реализацијата на генеричките обуки како дел од поширокиот процес на јакнење на административните капацитети. Знаењето е почетната точка на реформите, професионалноста е нивниот стандард, а конкретните резултати во работата на институциите се мерилото според кое граѓаните ќе го препознаат нивниот успех“.