Белграѓанец морал да патува до Бања Лука за да гласа откако му било сменето избирачкото место без негово знаење и согласност

Макфакс

25/10/2026

12:25

224

Големина на фонт

а а а

Белграѓанецот Милош Петровиќ бил приморан да патува до Бања Лука за да гласа на изборите во Србија, откако му било сменето избирачкото место без негово знаење и согласност. Тој и други граѓани со сличен проблем се соочуваат со нерегуларности во изборните списоци и разгледуваат правни чекори.

Белграѓанецот Милош Петровиќ отпатувал во Бања Лука за да гласа на денешните избори во Србија, откако без негово знаење и согласност избирачкото место му било променето од Нов Белград во Бања Лука.

Петровиќ изјавил дека решил да отпатува во Република Српска откако надлежните институции не ги исправиле податоците во избирачкиот список и покрај неговото барање.

Тој се поврзал со уште неколку граѓани кои се соочиле со истиот проблем, по што заедно заминале во Бања Лука и гласале на избирачкото место број 13. Според Петровиќ, таму немало поголеми гужви, а патувањето поминало без проблеми.

Петровиќ претходно предупредил дека истекле сите законски рокови за исправка на податоците и дека постојат основи за тужба. Според него, ниту на неколку други граѓани кои поднеле приговори поради слични промени на избирачките места не им биле исправени податоците.

Тој изјавил дека избирачкиот список го проверувал на секои четири до пет дена, бидејќи истото му се случило и пред изборите во 2023 година. Тогаш, заедно со уште четворица граѓани, поднел кривична пријава против непознати лица поради сомневање за изборни нерегуларности.

„Одеднаш видов дека моето избирачко место е сменето – од вообичаеното на Нов Белград во Бања Лука. Веднаш знаев дека некој поднел барање во мое име“, изјавил Петровиќ.