Бугарија утре ќе избира претседател: Јотова фаворитка, но се очекува втор круг

Макфакс

24/10/2026

11:24

357

Големина на фонт

а а а

Граѓаните на Бугарија утре ќе гласаат на претседателските избори, каде според очекувањата, победникот најверојатно ќе се одреди во вториот круг меѓу актуелната претседателка Илијана Јотова и економистот Андреј Ѓуров. Во фокус на кампањата се војната во Украина и цените на енергенсите.

Граѓаните на Бугарија утре ќе гласаат на претседателските избори, но победникот најверојатно ќе биде познат дури по вториот круг, во кој, според очекувањата, ќе се соочат актуелната претседателка Илијана Јотова и економистот Андреј Ѓуров.

Јотова настапува како независна кандидатка, но ја има поддршката на владејачката партија „Прогресивна Бугарија“ на премиерот Румен Радев, како и на Социјалистичката партија, во која ја започнала политичката кариера.

Ѓуров, поранешен заменик-гувернер на централната банка и премиер на преодната влада во првите месеци од 2026 година, ја поддржува прозападната реформска опозиција.

Аналитичарите очекуваат ниту еден од 27-те кандидати да не победи во првиот круг. За тоа се потребни два услова: излезност поголема од 50 отсто од регистрираните 6,6 милиони гласачи и освојување мнозинство од гласовите.

Бидејќи се очекува излезноста да биде под 40 отсто, вториот круг најверојатно ќе се одржи на 1 ноември, пренесува Асошиејтед прес.

Јотова е фаворитка, Ѓуров се надева на вториот круг

Според анкетата на агенцијата „Маркет линкс“, спроведена од 13 до 19 октомври, Јотова има поддршка од 47,3 отсто од гласачите, додека Ѓуров е на 30,6 отсто. Аналитичарите оценуваат дека неговите шанси би се зголемиле во вториот круг.

Јотова има 62 години, по професија е новинарка и поранешна пратеничка во Европскиот парламент. Доколку победи, ќе стане првата жена претседател на Бугарија.

Таа беше потпретседателка на државата за време на претседателскиот мандат на Радев, од 2017 до 2026 година, а функцијата претседателка ја презеде во јануари годинава, кога Радев поднесе оставка за да учествува на парламентарните избори на 19 април.

Пред тие избори, Радев ја основа партијата „Прогресивна Бугарија“, која се позиционира во левиот центар, но комбинира и елементи на лев популизам, национализам, социјалдемократија, конзервативизам и умерен евроскептицизам. Партијата убедливо победи на априлските избори со 43 отсто од гласовите, по што Радев стана премиер.

Во фокусот на кампањата војната во Украина и цените на енергенсите

Предизборната кампања главно беше насочена кон руската војна против Украина и ризикот од проширување на конфликтот во Црното Море. Дополнителна загриженост предизвикаа смртоносните напади со беспилотни летала врз трговски бродови во регионот.

Кандидатите се обидуваа да одговорат и на загриженоста на граѓаните поради наглиот раст на цените на енергенсите и високата инфлација. Многу жители на руралните средини се соочуваат со тешкотии да ги покријат основните животни трошоци, наведува АП.

Бугарија стана членка на НАТО во 2004 година, а на Европската Унија во 2007 година. Иако меѓу парламентарните партии постои широка согласност за прозападниот курс на земјата, традиционалните историски и културни врски со Русија придонесуваат за поделби во општеството, особено по руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Радев често истакнуваше дека ќе ја задржи Бугарија на европскиот пат, но истовремено се залагаше за подобрување на односите со Русија и укинување на санкциите што ЕУ ѝ ги воведе на Москва. Аналитичарите очекуваат Јотова, доколку победи, да продолжи со политиката што ја водеше Радев.

Јотова се залага за преговори за мир во Украина

Извршниот директор на „Маркет линкс“, Добромир Живков, за Асошиејтед прес изјави дека Јотова припаѓа на политичка струја што се залага за понеутрална позиција на Бугарија.

„Тие се залагаат за прекин на помошта за Украина и за запирање на испораките на оружје за таа земја. Често можеме да слушнеме реторика и терминологија преземени директно од пропагандата на Кремљ“, рече Живков.

На митингот одржан оваа недела, Јотова изјави дека односот кон војната во Украина е една од клучните точки по кои се разликува од другите кандидати. Таа рече дека се залага за мир постигнат преку преговори, а не со сила.

„Дали сакаме Црното Море да стане затворена воена зона? На таква одлука во никој случај нема да се согласиме. Нема да го прифатам ова воинствено поттикнување“, изјави Јотова.