Компанијата „Гугл“ незаконски исече околу 250.000 <b>дрвја</b> во Финска за изградба на централен дата-центар, предизвикувајќи голема национална дебата за влијанието врз животната средина и локалната заедница. Проектот вреден 13 милијарди евра ја доведе во прашање еколошката одговорност и регулативата околу технолошките инвестиции во земјата.
На местото каде што до пред неколку месеци имало шума, сега се простира огромна каллива површина. На 330 хектари земјиште во близина на местото Мухос, во северна Финска, растеле околу 250.000 дрвја.
Откако „Гугл“ незаконски ја исекол целата шума за изградба на центар за податоци, останале само траги од градежни машини, барички и купишта земја, корења и гранки. Локалните жители велат дека кафеавата вода од градилиштето сега се слева во поток што се поврзува со реката Оулујоки.
„Ова се протега до недоглед“, вели Мари Анала, еколог од Финското здружение за заштита на природата (SLL), додека од работ на имотот гледа снимки од поранешната шума направени со дрон.
Со 145 нови центри за податоци во различни фази на планирање, Финска стана средиште на новиот бран ширење на технолошките компании. Земјата е привлечна поради геополитичката и геолошката стабилност, големите површини земјиште и студената клима, која овозможува значителни заштеди на енергија за ладење.
13 milliards pour l’IA: le mégachantier de Google en Finlande 🌲
À Muhos, Google installe un de ses datacenters dans la forêt. Un projet qui promet des retombées économiques mais suscite des inquiétudes sur l’impact environnemental et la consommation d’énergie.
🎙️Apolline Dabée https://t.co/nnIXDpGdbz
— BFM Tech (@bfmtech_) October 18, 2026
Работите запрени, почната национална дебата
На почетокот на октомври, Финската агенција за издавање дозволи и надзор (LVV) му нареди на „Гугл“ привремено да ги запре работите во Мухос и на уште една локација во селото Отанмјаки, околу сто километри југоисточно.
Причината е што компанијата пред сечата на шумите не ги спровела задолжителните проценки за влијанието врз животната средина.
Веста предизвика остри реакции во јавноста и отвори национална дебата за улогата на Финска во глобалната трка за изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција.
Минатата недела, директорот на „Гугл“ за Финска, Анти Јарвинен, се извини за сечата, но тврдеше дека компанијата постапувала „според најдоброто разбирање на законите што го имавме во тоа време“.
Локациите Мухос и Отанмјаки се дел од инфраструктурниот проект на „Гугл“ за вештачка интелигенција, вреден 13 милијарди евра. Проектот го критикуваше и американскиот претседател Доналд Трамп, кој претпочита ваквите центри да се градат во САД и јавно ја повика компанијата да ја преиспита одлуката.
Станува збор за најголемиот проект од ваков вид во историјата на Финска
Финската влада, која спроведува строги буџетски кратења, ја поттикнувала оваа инвестиција. Премиерот Петери Орпо минатиот месец, при најавувањето на плановите на „Гугл“, изјави дека привлекувањето инвестиции е „главен приоритет“ и дека „вредноста на економијата заснована на податоци ги надминува директните инвестиции“.
Тој порача дека договорот со „Гугл“ ќе донесе трајна корист за двете страни.
„Чиста ароганција“
Сепак, откритијата за неправилностите на „Гугл“ предизвикаа загриженост за влијанието на ваквите проекти врз локалните заедници, цените на енергијата и животната средина во Финска.
Прашањето за центрите за податоци веројатно ќе стане една од главните теми на изборите во април.
Покрај 250.000 исечени дрвја во Мухос, Мари Анала проценува дека во Отанмјаки се исечени уште 150.000 дрвја. Бидејќи сечата била незаконска, таа посочува дека дрвната маса од тие локации не смее да се продава на претпријатија за преработка на дрво.
Повеќе од 93.000 луѓе потпишале петиција со која бараат построга регулација на центрите за податоци и надомест за локалните заедници поради штетата врз животната средина.
Откако избувна аферата, премиерот Орпо случувањата во Мухос ги опиша како „ладен туш“.
Хана Халменпа, претседателка на управниот одбор на Финското здружение за заштита на природата, изјави дека не можела да поверува кога дознала за прекршувањето на законот од страна на „Гугл“.
„Отпрвин мислев дека тоа не е вистина. Никогаш не сум слушнала некоја компанија во Финска да направила нешто слично“, рече таа.
Според неа, „Гугл“ искористил систем што во голема мера се потпира на доверба.
„Купија огромна површина земјиште и едноставно почнаа да сечат. Тоа е чиста ароганција и е неверојатно“, додаде таа.
Халменпа вели дека брзината со која се одвиваат работите ја шокирала земјата.
„Многумина само ги гледаат вестите и се прашуваат: Што се случува? Што можеме да направиме? И дали мора да ги прифатиме сите овие проекти за центри за податоци во Финска?“
Минимална корист за Финска
Јуси Кангасхарју, раководител на Одделот за компјутерски науки на Универзитетот во Хелсинки, вели дека центрите за податоци отвораат ограничен број работни места, што може да ја поттикне локалната економија, но придобивките на национално ниво се минимални.
„Всушност, Финска нема никаква корист од тоа. Тоа се меѓународни компании што опслужуваат меѓународни клиенти, а многу мал дел од данокот на добивка останува во Финска. На крајот, центрите за податоци носат многу мала корист за кого било, освен за самиот оператор“, објасни тој.
Постојат и повици за формирање централизирано тело што би ја координирало изградбата на центрите за податоци, наместо најголемиот дел од одлуките да им се препуштаат на општините, кои често им даваат предност на непосредните локални потреби.
Во Мухос и Отанмјаки има жители што ги поддржуваат проектите поради работните места и приходите од даноците на земјиштето. Сепак, многумина сметаат дека локалните власти ги изневериле.
Анти Јаконен од Мухос се противи на начинот на кој била извршена сечата.
„Тоа е направено на погрешен начин. На американски начин. Без никаква смисла“, рече тој.
Поранешниот претприемач и рибар сака „Гугл“ да ја надомести штетата така што ќе помогне во обновувањето на локалната популација на лососи, која била уништена пред неколку децении поради изградбата на хидроелектрани.
Волци во селото и страв од Русија
Во Отанмјаки силно се чувствува нарушувањето на природата и секојдневниот живот на жителите.
Ани Ранта (53), чие семејство со генерации живее таму, вели дека по сечата на шумата волците почнале да доаѓаат во селото.
Мирната шума сега е заменета со бучава од градилиштето на „Гугл“.
„Волците почнаа да доаѓаат во селото затоа што сите диви животни се иселија од шумата. Избегаа. Ме загрижува и бучавата од центрите за податоци, бидејќи почвата тука е карпеста. Дури и кога стоиме тука и разговараме, чувството е како да стоиме на тапан“, рече таа.
Поради противењето на проектот на „Гугл“, Ранта размислува да се пресели.
Таа стравува и дека центарот за податоци би можел да го направи селото цел на Русија, со која Финска дели долга граница.
„Не ги сакам тука. Воопшто не ги сакам во Финска. Не ми се допаѓа целата идеја за вештачката интелигенција и начинот на кој светот се менува. Сè се случува пребрзо“, порача таа.
Нејзиниот татко, Пенти Корхонен, пензиониран водич во природа, вели дека водата во потокот станала кафеава откако шумата била уништена.
„Во Финска воопшто нема потреба од центрите за податоци. Апсолутно никаква“, рече тој.
Веса Хирилајнен, претседател на локалниот огранок на Финското здружение за заштита на природата, посочи дека трипрстите клукајдрвци што се гнезделе во шумата биле истерани од нивното живеалиште.
„Сите ние што се занимаваме со заштита на природата сме многу загрижени за политичката состојба во Финска. Се прашувам зошто мора да жртвуваме толку многу од нашата природа. Премногу лесно се откажуваат од сè“, рече биологот.
Сепак, тој додава дека разбира зошто властите се обидуваат да привлечат нови инвестиции и работни места, имајќи предвид дека населението во регионот старее.
„Младите заминуваат во Хелсинки, Берлин и Париз. Останаа толку малку луѓе. Мора да се жртвуваме“, додаде тој.
„Гугл“ најавува пошумување на 130 хектари
Вели-Мати Уски, генерален директор во финското Министерство за животна средина, изјави дека владата го следи развојот на секторот за центри за податоци и примената на законите и дека е подготвена да предложи законски измени доколку тоа биде потребно.
Од „Гугл“ соопштија дека работат на заштита на квалитетот на водата во Мухос и дека планираат да засадат дрвја на површина од 130 хектари.
Активистите за заштита на природата сметаат дека тоа е недоволно во споредба со штетата предизвикана од сечата.
Портпарол на компанијата изјави:
„Во Финска работиме веќе 15 години и отсекогаш сме настојувале да ги исполниме или надминеме сите барања поврзани со урбанистичкото планирање, животната средина, здравјето и безбедноста.
По добивањето на дописите од Финската агенција за издавање дозволи и надзор на 6 октомври, ги запревме подготвителните работи во Мухос и Кајаани, каде што се наоѓа локацијата Отанмјаки, и доставивме официјален одговор со кој го потврдивме тоа.
Целосно ќе ги испочитуваме барањата на агенцијата и со нетрпение очекуваме продолжување на активниот и отворен дијалог со сите надлежни органи, со цел зајакнување на нашето партнерство со Финска и локалните организации“, порачаа од „Гугл“.
















