Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф дека Москва начелно е подготвена следниот месец да ги продолжи преговорите со Киев и Вашингтон за завршување на војната во Украина, изјави советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
Такви преговори не се одржани од февруари. Ушаков изјави дека новата рунда преговори треба да биде насочена кон „изградба на безбедносен систем за Русија и Украина по завршувањето на конфликтот“.
Виткоф го информирал Путин за разговорите одржани еден ден претходно во Осло, каде што се сретнал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, норвешкиот премиер и финскиот претседател, изјави Ушаков.
Според неговите зборови, Виткоф „укажал на некои нови пристапи и нови елементи во ставовите на Европејците и Киев, иако тие не содржеле многу нешто корисно за решавање на украинската криза“.
За време на речиси тричасовната средба, Путин и американскиот пратеник разговарале и за спроведувањето на договорот што Путин и американскиот претседател Доналд Трамп го постигнале на 9 октомври за снабдување на американскиот и светскиот пазар со руско дизел-гориво, додаде Ушаков.
„Владимир Путин нагласи дека дипломатските можности сè уште не се ни приближно исцрпени и дека е можно и неопходно да се постигне договор со Техеран, кој е наш стратешки партнер“, изјави Ушаков.
Тој додаде дека Русија повторно ја потврдила подготвеноста да продолжи да помага во изнаоѓањето политички и дипломатски решенија за иранското прашање.








