Левица обвини за сомнителни тендери во МАНУ

Макфакс

21/10/2026

11:12

164

Големина на фонт

а а а

МАНУ, под раководство на Живко Попов, татко на пратеникот на ДПМНЕ Сергеј Попов, продолжува да отвора прашања за начинот на кој се трошат јавните пари. По милионскиот договор за сметководствени услуги и спорната набавка за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, Левица ја отвора и набавката на противпожарни апарати и сервисирањето на постојните ПП-апарати, соопштија од партијата.

„МАНУ веќе располага со бројот на ПП-апарати предвидени со важечкиот Елаборат за заштита од пожари. Сепак, во 2026 година се спроведува нова набавка на противпожарни апарати. Во достапната документација не е наведено кој стручен документ утврдил дека постојните апарати треба да се заменат или дека е потребна набавка на дополнителни апарати. Не е наведено ниту кога последен пат биле сервисирани постојните апарати и дали воопшто биле неисправни. Дополнително, проценетата вредност на набавката е поставена на 600.000 денари без ДДВ. Уште посериозни се разликите во цените. За C-6 апарат МАНУ плаќа 4.700 денари, додека Општина Велес за апарат од истиот тип платила 2.100 денари, односно МАНУ плаќа 124% повеќе. За C-9 апаратот разликата е уште поголема – 5.500 денари во МАНУ наспроти 2.300 денари во Велес, односно 139% повеќе. Кај CO₂ апарат од 5 килограми, МАНУ плаќа 5.100 денари, наспроти 3.330 денари во споредливата набавка – 53% повеќе“, соопштија од партијата.

Левица бара МАНУ веднаш да ја објави целокупната документација.

„Доколку документите покажат дека постоела неоправдана набавка, дека проценетата вредност не била заснована на реални пазарни податоци или дека биле плаќани неоправдано повисоки цени, Државниот завод за ревизија, Бирото за јавни набавки и надлежното Јавно обвинителство треба да ги испитаат сите околности“, велат од Левица.