[ФОТО] Кајли Џенер го носеше „Fantasy Bra“ на модната писта на „Victoria’s Secret“, ваквиот потег предизвика гнев

Кармин

19/10/2026

09:06

502

Големина на фонт

а а а

Кајли Џенер приреди големо изненадување на ревијата на „Victoria’s Secret“, дебитирајќи на модната писта во Лос Анџелес во спектакуларно издание. Во неделата навечер прошета носејќи го легендарниот „Fantasy Bra“, градник украсен со дијаманти, и масивни крилја од бели пердуви.

Сепак, нејзиниот неочекуван ангажман на ревијата за 2026 година предизвика бран гнев кај обожавателите, а многумина повикаа на бојкот на шоуто, објавува „Daily Mail“. Критичарите го доживеаја потегот на брендот, со кој на реалити ѕвездата ѝ беше доверено да го носи култното парче накит, чија вредност се проценува на 50 милиони долари, како навреда.


Ова е првпат од 2018 година „Fantasy Bra“ да се врати на модната писта, а Џенер стана првата личност во историјата што го носела, а официјално не е „ангел“ на „Victoria’s Secret“.

Гнев на социјалните мрежи

Социјалните мрежи беа преплавени со негативни коментари. „Ова е НЕПРИФАТЛИВО“, напиша еден корисник на мрежата X, додека друг додаде: „На „Victoria’s Secret“ навистина ѝ снемува креативност. Најскапото, а сепак најобичното. И уште ја ангажираат Кардашијан/Џенер за дополнително да го уназадат сето тоа“.

„Од буквално која било личност на светот, зошто, по ѓаволите, ѝ го дадоа „Fantasy Bra“ на Кајли Џенер?“, гласеше еден од коментарите.


Многумина сметаа дека оваа чест требало да им припадне на искусните модели. „Да го дадат „Fantasy Bra“ на Кајли Џенер наместо на некоја од оригиналните девојки на „VS“?“, праша еден корисник, додека друг заклучи: „Ревијата беше целосен хаос. Осветлувањето беше лошо, снимателот се губеше, настапите некако беа во преден план наместо моделите, а тоа што ѝ го дадоа „Fantasy Bra“ на Кајли Џенер е чиста шлаканица за вистинските модели на брендот“.

Се појавија и шеги на сметка на нејзината сестра, манекенката Кендал Џенер. „Кендал не се јавила, па морале да ја повикаат Кајли“, се пошегува еден корисник.


„Ја сакам Кајли, но „Victoria’s Secret“ ме навреди со тоа што ѝ го даде најскапиот „Fantasy Bra“ во историјата. Ова е НЕПРИФАТЛИВО“, порача уште еден разочаран обожавател.

И покрај критиките, Кајли самоуверено прошета по модната писта со насмевка. Поддршка од публиката ѝ даваа нејзиното момче Тимоти Шаламе и мајка ѝ Крис Џенер. Долгата темна коса ја носеше во опуштени бранови, а изгледот го надополни со розово руменило и сјај за усни.

Градник вреден 50 милиони долари

Спектакуларниот градник е изработен во соработка со луксузната златарница „Jacob & Co.“. Во неговиот средишен дел се наоѓа огромен жолт дијамант вреден 22 милиони долари, покрај уште 4.410 природни дијаманти, пишува магазинот „Hello!“. Последна го носеше манекенката Елса Хоск во 2018 година.

Златарот Џејкоб Арабо објасни дека дизајнот е инспириран од колекцијата накит „Rare Touch“, во која се користат посебни структури што овозможуваат металот и скапоцените камења да се движат заедно со телото. „За мене, во преден план мораа да бидат дијамантите, светлината и движењето“, изјави тој во официјалното соопштение. За „Vogue“ додаде дека градникот е „изработен исклучиво од злато и дијаманти – нема ткаенина“, поради што било предизвик да се направи така што совршено ќе прилега на телото.

Кајли го носела градникот со светкаво бело мини здолниште, украсени ременчиња поставени високо на колковите и проѕирни сандали на потпетици. По ревијата, на Инстаграм објави фотографија со описот „најдобриот ден досега“.


Објаснувањето на „Victoria’s Secret“

Креативниот директор на брендот, Адам Селман, за „Vogue“ објасни зошто изборот паднал токму на Кајли. „Кајли ги надминува границите на модата, културата и телевизијата. Таа не е само една работа, а токму тоа го правиме и ние. Таа создаде сопствена култура, а колку луѓе можат да го кажат тоа?“, изјави Селман.

Тој додаде дека главната идеја на ревијата била „фандомонија“. „Мислам дека ова е интересна комбинација за обожавателите: им го даваме она што го сакаат со неверојатниот градник „Fantasy Bra“, а ќе му го довериме на неочекувана личност која има огромен број следбеници и културно влијание. Мислам дека тоа е забавно и весело“, заклучи тој.

Ревија исполнета со ѕвезди и контроверзии

Шоуто, одржано во Калвер Сити, ги собра и миленичките на публиката, како Адријана Лима, Кендис Свонпул, Џиџи Хадид, Бела Хадид, Елса Хоск и Алесандра Амбросио. Ревијата се врати во Лос Анџелес за првпат по 19 години, а музички ја збогатија Тејт Мекреј, Меган Ти Сталион и други изведувачи.


Ова е трета година откако ревијата се врати по шестгодишна пауза, но враќањето не помина без проблеми. Претходно овој месец, обожавателите најавија бојкот бидејќи некои од нивните омилени манекенки, како Роми Стријд и Фрида Аасен, биле одбиени во последен момент.

Откако ревијата во 2024 година беше критикувана дека не е доволно гламурозна поради поинклузивниот пристап, брендот во 2025 година најави враќање на имиџот „бескомпромисно секси“, оддалечувајќи се од таканаречениот „woke“ ребрендинг што следуваше по падот на продажбата.

Кајли рамо до рамо со легендите

Со носењето на градникот „Fantasy Bra“, Кајли Џенер им се придружи на супермоделите кои ја имале таа чест од 1996 година наваму, меѓу кои се Клаудија Шифер, Жизел Бундшен, Хајди Клум и Тајра Бенкс. Иако ова беше нејзино деби за „Victoria’s Secret“, Џенер веќе имаше забележителен настап на модната писта. Во октомври 2024 година ја затвори ревијата на брендот „Coperni“ во парискиот Дизниленд, што тогаш го опиша како „вечер од бајките“.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk