Уапсени над 1.800 лица, повредени повеќе од 500 полицајци и пожарникари во протестите низ Франција

Макфакс

18/10/2026

15:55

281

Големина на фонт

а а а

Повеќе од 1.800 луѓе се уапсени, а над 500 полицајци и пожарникари се повредени за време на насилните протести во Франција. Демонстрациите предизвикаа штети на имот и судири со полицијата, додека владини официјални лица најавуваат остар одговор и кризни мерки.

Повеќе од 1.800 лица се уапсени, а над 500 припадници на безбедносните сили и пожарникари се повредени за време на протестите проследени со насилство и немири што се одржаа во саботата низ Франција, соопштија француските власти.

„Демонстрациите се основно право. Предизвикувањето немири со насилство и на организиран начин не е“, напиша францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез на социјалната мрежа Икс.

Тој соопшти дека досега се уапсени 1.800 лица и дека се спроведуваат истраги за идентификување на сторителите, кои потоа треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Повеќе од 500 полицајци, припадници на жандармеријата и пожарникари се повредени“, наведе Нуњез, додавајќи дека податоците за повредените сè уште не се конечни.

Министерот истакна дека е причинета значителна материјална штета, особено на имотот на неколку стотици сопственици на продавници. Тој порача дека Републиката нема да попушти пред оние што сакаат да наметнат немири и насилство.

Кризниот штаб ќе ги разгледува последиците од немирите

Меѓуминистерскиот кризен штаб требаше да се состане вечерта во 19 часот, под претседателство на премиерот Себастијан Лекорни, по насилните инциденти од саботата, 17 октомври.

На состанокот требаше да се разгледаат последиците од немирите врз економијата, трговијата, осигурувањето и судските постапки. Лекорни требаше да се сретне и со градоначалниците на Париз, Лион и Марсеј, објави „Фигаро“.

Насилството избувна за време на најновиот бран демонстрации против лошите услови во училиштата и високите трошоци за живот.

Француската влада оцени дека дошло до ескалација на насилството, проценувајќи дека околу 550.000 луѓе излегле на улиците во градовите низ земјата.

„Или сте во таборот на Републиката, а со тоа и на страната на силите на редот, оние што го штитат имотот и луѓето и ги спроведуваат законите, или сте на страната на насилниците“, изјави францускиот премиер Себастијан Лекорни.

Во Париз избувнаа жестоки судири меѓу демонстрантите и интервентната полиција, која употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата.

Згради беа запалени во главниот град и во други француски градови. Во Лимож, големиот пожар во зградата на градското собрание доведе до делумно уривање на покривот.

Во неколку градови биле забележани и грабежи, како и широко распространет вандализам насочен кон градски објекти и јавни претпријатија, пренесоа француските медиуми.

Министерот за правда најави остар одговор

Францускиот министер за правда Жералд Дарманен најави одлучен судски одговор на, како што рече, исклучително сериозните случаи на улично насилство регистрирани во саботата низ земјата.

„Продолжувајќи ги инструкциите што ги издадов во претходните 48 часа, повторно побарав од сите главни обвинители и обвинители да обезбедат исклучително строг судски одговор, соодветен на насилството што ја погоди нашата земја“, напиша Дарманен на Икс.

Тој го опиша насилството за време на протестите како незапаметено по сериозноста и порача дека правосудните органи ќе реагираат одлучно против сторителите на инцидентите.

Различни процени за бројот на демонстранти

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез претходно соопшти дека околу 550.000 луѓе учествувале во протестите низ Франција, од кои 110.000 во Париз.

Од друга страна, Генералната конфедерација на трудот на Франција (ЦГТ) соопшти дека во демонстрациите учествувале речиси 800.000 луѓе низ земјата.

Синдикатот оцени дека протестите претставуваат нова фаза во процесот на мобилизација и порача дека владата мора без одлагање да одговори на барањата на граѓаните.

Меѓу главните барања се зголемување на платите и пензиите, како и повторно воведување данок на богатството.

ЦГТ повика на продолжување на мирната мобилизација заедно со младите во наредните денови, која треба да кулминира со голем заеднички синдикален штрајк на 5 ноември.