Зеленски: Повеќе не сме приоритет за американските ракети, најголемиот дел оди на Блискиот Исток

Макфакс

16/10/2026

15:40

226

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во Брисел имал важни и продуктивни средби со лидерите на земјите членки на Европската Унија, на кои се разговарало и за замрзнатите руски средства, пренесува Танјуг.

На прес-конференција по самитот, Зеленски нагласи дека најважно е да се спречи Русија во иднина да ги поврати своите замрзнати средства.

„Тоа е една од целите на Русија и затоа Украина би сакала да добие одредени средства, во одредена форма, пред Русија да успее да го направи тоа“, рече Зеленски.

Тој се осврна и на испораките на американските ракети ПАЦ-2 и ПАЦ-3, кои Украина ги добива преку програмата PURL, со финансиска поддршка од европските земји.

„Повеќето ракети ПАЦ-2 и ПАЦ-3 сега се испраќаат на Блискиот Исток, така што јавна тајна е дека повеќе не сме приоритетна дестинација за овие ракети. Сепак, многу сме благодарни за сите ракети што можеме да ги добиеме“, изјави Зеленски.

Украинскиот претседател посочи дека Киев набавува ракети и од други земји, а истовремено работи на дополнителни комуникациски капацитети како алтернатива на системот „Старлинк“, во соработка со Франција.

Според него, Украина добива разузнавачки информации од десетици земји, вклучително и податоци од САД за лансирање балистички ракети.

„Работиме на сите можности за Украина да ја направиме што е можно понезависна“, нагласи Зеленски.

Тој додаде дека Украина има потреба од одредена брзина на интернет-врската преку „Старлинк“ и дека, иако системот би можел да се користи за напади длабоко на руска територија, тоа во моментов не се прави.