Новиот криминалистички трилер „Животни“ (Animals), кој го режира и во кој главната улога ја толкува холивудската ѕвезда Бен Афлек, конечно пристигна на Нетфликс, но наместо очекуваниот триумф, доживеа вистинско разочарување.
Иако приказната за киднапирање, политички амбиции, валкани пари и мрачни семејни тајни на прв поглед изгледаше како загарантиран стриминг-хит, публиката и критичарите остро го искритикуваа, а негативните коментари се нижат еден по друг.
Навидум совршената актерска екипа и препознатливиот режисерски стил не беа доволни за да го спасат проектот од лавината негативни реакции.
Киднапирање, политика и валкани тајни
Дејството на филмот го следи Марк Кимбол (Бен Афлек), кандидат за градоначалник на Лос Анџелес, кој се наоѓа на најважната пресвртница во својата политичка кариера. Тој и неговата сопруга Абигејл (Кери Вашингтон) навидум уживаат во целосен луксуз – имаат пари, углед и беспрекорен живот. Меѓутоа, нивниот идиличен свет се распаѓа кога мистериозни киднапери го грабнуваат нивниот син Дени.
Во очајничка трка со времето, родителите се обидуваат да соберат огромна сума пари за откуп, но потрагата ги вовлекува во мрачен лавиринт од уцени и тајни што со години ги криеле од очите на јавноста.
Покрај Афлек и Кери Вашингтон, во филмот играат и ѕвездата на серијата „Досиеја Икс“, Џилијан Андерсон, во улога на опасна советничка за кризни ситуации, Стивен Јун, Реј Фишер, Адријана Паз, Луис Херардо Мендес и младиот Кристофер Вудли, додека зад продукцијата стои долгогодишниот пријател на Афлек, Мет Дејмон.
Критичарите поделени, но публиката немилосрдна
Иако Афлек во минатото бележел успеси со култни трилери како „Gone Baby Gone“, „The Town“ и оскаровскиот „Argo“, неговото враќање кон мрачниот жанр овојпат не наиде на воодушевување.
Додека угледниот „Варајети“ во својата рецензија умерено ги пофали мрачната атмосфера и напнатоста, британскиот „Гардијан“ и порталот „RogerEbert.com“ немаа милост, оценувајќи го филмот како изненадувачки безличен и преполн со веќе видени клишеа.

На популарните платформи за оценување филмови „Ротен томатоес“ и „ИМДб“, оценките дополнително го потврдуваат општото разочарување – филмот има скромни 41 отсто позитивни оценки од публиката и ниска оцена од 5,8.
Гледачите ширум светот без воздржување го критикуваат најновото филмско остварување, оставајќи исклучително остри коментари на социјалните мрежи.

„Приказната што ги спојува политичката и семејната драма едноставно не успеа. Режијата е прилично лоша и површна, без никаква длабочина. Сценариото е ужасно, а ниту глумата не е ништо подобра“, огорчено порачал еден гледач, додека други се надоврзале:
„Прилично лошо. Сакав да уживам во филмот бидејќи ги сакам филмовите на Бен Афлек, а ми се допаѓа и како актер, но ова е само збрка од неубедливи ликови кои се наоѓаат во апсурдни ситуации и носат глупави одлуки. И, би се осмелил да кажам, типично американски. Тешко е да се поверува во приказната и да се соживееш со неа“.
„Се откажав по 40 минути. Филмот едноставно повеќе не можеше да ми го задржи вниманието. Како да е снимен во шеесеттите години, а не во 2026 година. Ова е ужас и вистинска збрка“.











