Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, имаше билатерална средба со претседателот на Претставничкиот дом на Холандија, Том Ван Кампен, каде дискутираа за унапредување на соработката и реформските процеси поврзани со евроинтеграциите на земјата.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши оствари билатерална средба со претседателот на Претставничкиот дом на Кралството Холандија, Том Ван Кампен, во Рим, во рамките на конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на Советот на Европа.
Тој ја искористи оваа можност да изрази благодарност за бројните проекти преку кои Кралството Холандија придонесува за демократскиот развој и спроведувањето на реформските процеси во Република Северна Македонија. Претседателот Ван Кампен информираше дека во претходниот пратенички мандат ја извршувал функцијата известител во Комисијата за европски прашања за европските перспективи на земјите од Западен Балкан.

Во таа насока, претседателот Гаши даде поширок осврт на состојбите поврзани со евроинтегративниот пат на државата, како и на потенцијалните предизвици што произлегуваат од одложувањето на процесот на проширување. Потврдена беше стратешката важност на евроинтеграциите и трансформативниот ефект што би го имало отворањето на пристапните преговори врз општеството. Планот за раст и Реформската агенда беа оценети како позитивни чекори во насока на унапредување на реформските процеси и приближување на државата кон Европската Унија.
Двајцата соговорници се согласија дека постојат можности за унапредување на билатералната парламентарна соработка, како на ниво на пратеници, така и на ниво на парламентарните служби, и покрај тоа што во холандскиот Парламент не постои група за пријателство, каква што функционира во Собранието. На крајот се заложија за натамошно унапредување на билатералната соработка во претстојниот период и преку посети на највисоко ниво.












