Британија му приреди кралски пречек на Зеленски

Макфакс

14/10/2026

18:11

220

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Обединетото Кралство каде што беше примен од кралот Чарлс и премиерот Енди Бурнам, во услови на зголемени тензии во односите меѓу Киев и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Обединетото Кралство, каде што беше примен од кралот Чарлс и премиерот Енди Бурнам. Посетата на украинскиот претседател се одвива во услови на нови тензии во односите меѓу Киев и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува „Политико“.

Зеленски на социјалната мрежа X потврди дека за време на посетата ќе се сретне со кралот и со британскиот премиер. Ова е продолжение на низата средби преку кои британскиот монарх ја демонстрира својата поддршка за украинскиот лидер. Чарлс беше домаќин на Зеленски во Сандрингем во март 2025 година, само неколку дена откако Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс јавно го критикуваа украинскиот претседател.

Тие повторно се сретнаа во замокот Виндзор претходно оваа година. Таа средба уследи по заедничката изјава на Украина, Обединетото Кралство, Франција и Германија, во која се повикува на праведен и траен договор за завршување на војната со Русија.

По пристигнувањето во Даунинг стрит попладнево, Зеленски ќе биде пречекан од почесна стража на 12-тата чета на Ирската гарда. Кабинетот на премиерот соопшти дека станува збор за пречек без преседан. Посетата се одвива во контекст на нови несогласувања околу пристапот на Трамп кон Русија и Украина. Американскиот претседател го критикуваше раководењето на Зеленски и постигна договор со Москва за укинување на санкциите за извоз на руски дизел.

Ова е прва посета на украинскиот претседател на некоја европска престолнина откако Трамп ја објави таа одлука минатиот петок. Тоа е и негова втора средба со Бурнам. Британскиот премиер досега избегнуваше да го осуди американскиот претседател поради договорот со Русија.