[ФОТО/ВИДЕО] Во близина на турскиот брег пронајдени најстарите остатоци од брод во светот

Точка

14/10/2026

12:38

422

Големина на фонт

а а а

Најстариот бродолом во светот, за кој се проценува дека е стар меѓу 4.400 и 4.700 години е откриен во близина на брегот на Турција, соопштија археолозите.

Дрвената конструкција на бродот не е зачувана, но на морското дно останале керамичките садови што ги превезувал, пренесе Би-би-си.

Археолозите велат дека станува збор за трговски брод, долг околу 10 метри, кој превезувал товар преку Средоземното Море.

Професорот Хакан Ониз од Универзитетот Акдениз во Турција, кој ја предводел експедицијата на Медитеранското археолошко здружение, изјавил дека бродоломот е „временска капсула“ на морското дно.

Остатоците од бродот се наоѓаат во близина на брегот на островот Кекова, во Анталија, на југозападниот брег на Турција, а артефактите се расфрлани по подводната падина, на само 30 метри под морското ниво.


Пронајдени се три големи камени сидра, како и повеќе од 30 керамички амфори — садови што се користеле за складирање храна и пијалаци.

За да ја утврдат староста на бродот, археолозите ја анализирале формата на амфорите, бидејќи од дрвената конструкција на бродот не останало ништо.


Ониз изјавил дека дизајнот на амфорите пронајдени покрај бродоломот се совпаѓа со изгледот на други амфори откриени во Египет и на Блискиот Исток, за кои е познато дека се стари од 4.400 до 4.700 години.

„Кога ќе ги споредиме техниките на украсување, можеме со сигурност да кажеме дека нашиот бродолом потекнува од раното бронзено доба“, истакнал Ониз.


Нуркачите од експедицијата ги извадиле садовите на површината, каде што сега внимателно се чуваат, по толку илјадници години поминати под вода.

Според проценките на археолозите, бродот го започнал своето патување некаде долж источниот брег на Средоземното Море. Се верува дека превезувал стока кон античкиот град Троја, во денешниот северозападен дел на Турција, или кон Минојците на Крит.


Бродоломот кај Кекова сега е на врвот на листата на најстарите бродоломи во светот. Претходно рекордот го држел бродоломот во близина на брегот на Докос, остров во јужна Грција, кој датира од пред околу 4.200 години.

Најстариот познат бродолом кај кој е зачуван дел од дрвената конструкција е пронајден во Црното Море, во близина на брегот на Бугарија и датира од пред околу 2.400 години.

Фото: Би-би-си