Запленети над 500 кубни метри дрвна маса и поднесени 140 пријави: одземени товарни, патнички возила, трактори

Макфакс

14/10/2026

12:00

237

Големина на фонт

а а а

Шумската полиција спроведе засилени акции против нелегалната сеча на дрвна маса низ целата држава, при што беа запленети над 500 кубни метри дрва и поднесени 140 пријави, со цел заштита на шумскиот фонд и спречување на нелегалната трговија.

Шумската полиција спроведе засилени акции против нелегалната сеча низ целата држава, при што во текот на септември и во почетокот на октомври беа запленети над 500 кубни метри нелегално исечена дрвна маса и поднесени 140 пријави.

Привремено се одземени 13 товарни и 17 патнички возила, девет трактори, како и моторни пили, приколки, секири и други предмети употребени за незаконска сеча и превоз на дрва.

Акциите се спроведуваат паралелно со секојдневните редовни контроли, со посебно внимание на подрачјата каде што поизразено дејствуваат организирани групи на дрвокрадци. Контролите се насочени и кон сузбивање на нелегалното снабдување со дрва на населението и на производствените капацитети, а со кои се нанесува значителна штета на шумскиот фонд, соопшти ресорното Министерство.

„Засилените акции ќе продолжат и во наредниот период, на целата територија на државата. Заштитата на шумите е јавен интерес и наша институционална одговорност. Шумската полиција ја има целосната поддршка на Министерството да постапува одлучно и доследно против нелегалната сеча, транспортот и трговијата со дрва, во рамките на своите законски овластувања“, порачува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.

Во пресрет на грејната сезона, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира до граѓаните да купуваат огревно дрво само од лиценцирани продавачи и складови. Со набавката на дрва од легални извори активно се придонесува за спречување на нелегалната трговија и за заштита на шумите.

Воедно, граѓаните се повикуваат да пријавуваат сомнежи за незаконска сеча, транспорт и продажба на дрва до Шумската полиција и другите надлежни органи.