Зеленски тврди дека Киев не е подготвен за зимата; Кличко: Сакаат да ме сменат

Макфакс

14/10/2026

08:33

356

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикува подготовката на Киев пред зимата поради воената состојба, додека градоначалникот Виталиј Кличко ги отфрла овие критики и тврди дека се обидуваат да го сменат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги обвини властите во Киев за лоша подготовка пред уште една воена зима, со што го зголеми притисокот врз градоначалникот на метрополата, Виталиј Кличко.

„Секој жител на Киев може да види дека градот е навистина неподготвен“, рече Зеленски во видео-порака.

Тој додаде дека беспилотните летала го попречуваат снабдувањето со електрична енергија и вода, како и дека главниот град се соочува со проблеми поврзани со засолништата, подготвеноста на училиштата, изградбата на заштитни структури за клучната инфраструктура и функционирањето на јавниот превоз.

„Киев заостанува“

Зеленски изјави дека Киев заостанува зад другите региони во спроведувањето на плановите пред студената сезона, иако не го спомена директно Кличко.

Кличко ги отфрли критиките, наведувајќи дека Киев со недели е главна цел на особено жестоки руски напади.

„Градоначалникот не е одговорен за противвоздушната одбрана“, им рече тој на новинарите.

Кличко изјави дека ова е напад врз локалната самоуправа, чија цел е да го заменат со градски лидер кој би бил попослушен.

„Народот ме избра и во најтешките услови правам сè што е можно за да ја оправдам довербата на жителите на Киев, така што градот да продолжи да функционира и во ситуација на разорни непријателски напади“, истакна тој.