Сиљановска-Давкова ја прими претседателката на турската Црвена полумесечина, Фатма Мерич Јилмаз

Макфакс

09/10/2026

20:20

242

Големина на фонт

а а а

Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими претседателката на турската Црвена полумесечина, Фатма Мерич Јилмаз, за да ја укаже и потенцираат успешната соработка меѓу двете организации која датира од 1995 година и нејзината важност за подобрување на македонско-турските односи и справување со хуманитарните предизвици.

Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Фатма Мерич Јилмаз, претседателка на турската Црвена полумесечина и членка на Советот на претседателот на Република Турција, придружувана од претседателката на македонскиот Црвен крст, Лилјана Ристевска.

Претседателката, успешната соработка меѓу Црвениот крст и турската Црвена полумесечина воспоставена во 1995 година, ја оцени како силен фактор во градењето пријателски македонско-турски односи.

Според неа, сè посложените хуманитарни предизвици, наметнуваат потреба од поголема меѓународна солидарност, координирана помош и премин од реактивно кон превентивно дејствување.

Таа укажа дека јакнењето на регионалната хуманитарна соработка, како и споделувањето на знаења, искуства и добри практики, водат кон поефикасен, навремен и соодветен одговор на кризите.

Сиљановска-Давкова го поздрави проширувањето на постојните и иницирањето нови заеднички проекти меѓу двете национални организации, насочени кон помош на ранливите категории во воени, но и во мирнодопски услови.

Фатма Мерич Јилмаз информираше за улогата на турската Црвена полумесечина и нејзината меѓународна мрежа, како и за плодната соработка со македонскиот Црвен крст преку бројни програми, донации и обуки.

Таа нагласи дека во фокусот на нивните хуманитарни активности во моментов се лица постари од 65 години, како најзапоставена категорија граѓани.

Исто така, Јилмаз потсети на несебичната турска помош на граѓаните на Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963, но и на возвратената македонска помош на турските граѓани по катастрофалниот земјотрес во Турција во 2023. „Беше изградено ново училиште, коешто денес го носи името „Македонија“ – додаде таа.

На Сиљановска-Давкова таа ѝ подари архивски записи и историски фотографии, коишто ја документираат помошта од турската Црвена полумесечина за време на скопскиот земјотрес во 1963.