Одделението за јавно здравје при Владата на Дистриктот Брчко (Босна и Херцеговина) препорача привремена суспензија на употребата на БСЖ – вакцината произведена од „BB-NCIPD Ltd.“ (Бугарија) како превентивна мерка, сè додека не се добијат поцелосни информации и проценка од надлежните институции.
Препораката уследи по одлуката на Хрватската агенција за лекови и медицински помагала (HALMED) да ја суспендира дистрибуцијата и примената на оваа вакцина во Република Хрватска поради пријави за сомневања за несакани реакции.
Одделението за јавно здравје наведува дека досега во Дистриктот Брчко не се пријавени сериозни несакани реакции по примената на оваа вакцина.
Според податоците на Агенцијата за лекови и медицински помагала на БиХ, во периодот од 2020 година до денес, низ цела Босна и Херцеговина не се пријавени сомневања за несакани реакции поврзани со оваа вакцина.
БСЖ – вакцината се дава по раѓањето и штити од најтешките форми на туберкулоза, вклучувајќи го туберкулозниот менингитис и дисеминираната туберкулоза.
Одделението напоменува дека остеитисот или остеомиелитисот поврзан со БСЖ – вакцината е многу ретка компликација која може да се појави во период од неколку месеци до неколку години по вакцинацијата. Најчестите симптоми вклучуваат постојан оток во пределот на коска или зглоб, болка и осетливост на допир, ограничена подвижност, куцање или избегнување на оптоварување на раката или ногата.
Не се потребни посебни мерки за деца без симптоми, додека се препорачува консултација со надлежниот лекар доколку се појават гореспоменатите симптоми.
По информациите од Хрватска, и во Македонија привремено е запрена вакцинацијата.








