Неделава без новозаболени од Западнонилска треска – досега десет жртви, сите мажи

Макфакс

08/10/2026

16:50

118

Големина на фонт

а а а

Во изминатата недела, од 30 септември до 6 октомври, во Македонија не се пријавени нови случаи на Западнонилска треска, ниту е регистриран нов смртен случај. Двајца пациенти биле отпуштени од болничко лекување, покажува најновиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од почетокот на 2026 година, заклучно со 6 октомври, во земјава се регистрирани вкупно 71 случај на Западнонилска треска, од кои 66 потврдени и пет веројатни. Починале десет пациенти, сите мажи на возраст од 62 до 83 години. Починатите лица се од Скопје (9) и Куманово (1); сите починати лица биле хоспитализирани; кај девет починати лица се регистрирани коморбидитети.

Од вкупно 69 хоспитализирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста, 56 се отпуштени од болница, тројца сè уште се на лекување. Просечното времетраење на болничкото лекување кај отпуштените и починатите пациенти изнесува 15 дена.

Најголем дел од заболените, односно 63 лица, се од Скопскиот регион, три случаи се регистрирани во Велес и околината, два во Кавадарци и околината, а по еден во Куманово, Свети Николе и Тетово.

Од вкупниот број заболени, 52 се мажи, а 19 жени.

Најголем дел, односно 58 лица или 81,7 проценти, се постари од 60 години. Просечната возраст на заболените изнесува 66,5 години.

Најмногу случаи со почеток на симптомите се регистрирани во август – 39, а во јули 17. Во септември се регистрирани 12 случаи.

Според ИЈЗ, годинава е забележано значително зголемување на бројот на заболени во споредба со претходните години.