Жителите на Берлин преку апликацијата и проектот „Наводни го своето маало“ (Gieß den Kiez) на организацијата „CityLAB Berlin“ можат да дознаат на кои дрвја во германската престолнина им е потребно наводнување, пренесе „Гардијан“.
Интерактивната мапа следи повеќе од 900.000 дрвја низ Берлин и ги пресметува потребите за вода за секое од нив врз основа на староста, видот и количината на врнежи во тоа подрачје. Токму овие податоци за наводнувањето во реално време го издвојуваат проектот од другите мапи на дрвја ширум светот и им овозможуваат на волонтерите да се координираат на ниво на целиот град.
Преку апликацијата може да се види кога дрвото последен пат било наводнето, како и да се евидентира ново наводнување, додека системот со бои покажува на кои дрвја итно им е потребна вода.

На пример, младите садници немаат развиен коренов систем како возрасните дрвја, па затоа им е потребно почесто наводнување за да опстанат.
Апликацијата нуди и совети за правилно наводнување, собирање дождовница и информации за локациите на берлинските пумпи за вода.
Една од корисничките на апликацијата е и Аманда Глезер-Блај од берлинската населба Шарлотенбург.
Благодарение на апликацијата, таа знае колку пати треба да ја наводнува липата за која се грижи.

„Многу е забавно, речиси како видеоигра. Мислам дека многу луѓе сакаат да ги наводнуваат дрвјата, но можеби им е непријатно или не се сигурни дали тоа е нивна обврска. Кога ваква апликација ве поттикнува на тоа, знаете дека ја правите вистинската работа“, раскажала Глезер-Блај.
Проектот „Наводни го своето маало“ се спроведува од 2020 година, а платформата во моментов ја користат 12.000 регистрирани волонтери. Нивниот придонес ја надополнува работата на градските служби задолжени за одржување на улиците и зелените површини, кои веќе наводнуваат илјадници дрвја, но не секогаш успеваат да стигнат до сите, особено за време на берлинските лета кои стануваат сè потопли.







