[ВИДЕО] Трамп се закани со забрана за извоз на дизел: „Европо, подготви ги резервите“

Макфакс

02/10/2026

08:13

827

Големина на фонт

а а а

Доналд Трамп најави можност за забрана на извозот на дизел од САД поради глобалниот недостиг и повика Европа да ги ослободи своите резерви, додека министерот за финансии Скот Бесент ги повика европските земји да дејствуваат веднаш за да ги ублажат последиците од растечките цени и ограничувањата на снабдувањето.

Доналд Трамп најави дека можеби ќе побара од европските земји да ослободат дел од своите залихи на дизел, додека неговата администрација истовремено размислува за забрана на извозот на ова гориво од САД поради глобалниот недостиг.

Овие изјави уследија по повикот на министерот за финансии Скот Бесент, Европа веднаш да се подготви и да ги ослободи своите резерви. Бесент смета дека американските земјоделци, транспортери и бизниси не треба да го поднесуваат товарот на растечките цени.

САД се закануваат со ограничување на извозот на дизел поради наглиот пораст на трошоците предизвикан од војната во Иран – прашање што стана приоритет за американските гласачи пред клучните избори за Конгресот.

Велика Британија вчера одржа разговори со европските партнери во врска со можното заедничко ослободување на залихите како одговор на евентуалната забрана од САД. САД се клучен глобален снабдувач на дизел, со извоз меѓу 1,2 и 1,5 милиони барели дневно, а експертите предупредуваат дека прекинот на испораките може дополнително да ги зголеми цените во другите земји.

„Многу сериозно размислуваме за тоа“, изјави Трамп за време на викендот во врска со забраната за извоз.

Вчера тој додаде дека можеби ќе побара од европските земји да ослободат дел од своите залихи, а министерот Бесент изјави дека тие треба да го сторат тоа „веднаш“.

„Нашите европски партнери треба да го забрзаат исполнувањето на постоечките обврски и веднаш да стават на располагање дополнителни количества за да се справат со тековните пореметувања“, објави Бесент на социјалните мрежи.

Овие планови доаѓаат само неколку недели пред ноемвриските избори, кои ќе ја одредат контролата врз Конгресот. Претседателот планира да патува низ САД и да води кампања за републиканците, со надеж дека ќе го задржат мнозинството во Претставничкиот дом и во Сенатот.